Почетна » Рецепти » Популарни јадења » Совршената италијанска пица

Совршената италијанска пица

Состојки

Тесто:

500gбрашно тип 500
10gквасец
2 ч.л.сол
½ ч.л.оригано
2 с.л.млеко
1жолчка од јајце
2 с.л.маслиново масло
250mlвода

Сос:

лупени домати од конзерва
зачини: сол, црн пипер, босилек, темјан

Горен дел:

сирење моцарела
свежи печурки
шунка (или друг вид на месо по избор)

Приготвување на тестото за пица

Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, солта и ориганото. Додајте ги млекото, жолчката од јајце и маслиновото масло. Бавно додавајте ја водата, притоа постојано мешајќи. Месете го тестото сè додека не почне да се одделува од ѕидовите на садот и од рацете (5-7 минути). Потоа прекријте го садот со крпа и оставете го да отстои 2-3 часа на собна температура. За ова време, тестото ќе го удвои својот волумен.

Приготвување на сосот за пица

Не користете свежи домати или кечап. За приготвување на сосот, испасирајте лупени домати од конзерва и зачинете ги со сол, црн пипер, свеж босилек и темјан (по вкус). Наместо домати од конзерва, можете да користите домашен доматен сос.

„Редење“ на пицата

Премачкајте го дното и страните на плехот за печење со малку масло. Земете дел од тестото во форма на топка, и не се обидувајте да го сукате, туку ставете го директно во центарот на плехот. Со прстите нежно притискајте го тестото, полека растегнувајќи го од центарот кон страните на плехот.

Тесто за пица Тесто за пица Тесто за пица

Важно: треба да добиете тенка кора. Иако состојките се предвидени за 2 пици, во зависност од големината на вашиот плех, можеби ќе треба да употребите помалку тесто.

Основна почетничка грешка при правењето на пица е ставање на преголема количина состојки. Овде важи правилото „колку помалку – толку повеќе“, т.е. треба да користите помалку состојки. Во спротивно, тестото нема да може да се испече и ќе биде живо, а пицата ќе биде „течна“.

Премачкајте го тестото со сосот од домати. Слојот треба да биде проѕирен, како на сликата. Врз сосот распоредете парчиња од моцарелата. На крајот распоредете ги свежите печурки и производ од месо по избор (шунка, чаен колбас, кулен итн.). Уште еднаш нагласуваме – не претерувајте со состојките!

Тесто за пица со доматен сос Тесто за пица со доматен сос и моцарела Тесто за пица

Рерната треба да биде претходно загреана на максимална температура со вклучен горен и долен грејач. Ставете ја пицата да се пече. Времето на печење изнесува 5-10 минути. Ќе знаете дека пицата е готова кога тестото ќе добие златна боја.

Откако ќе ја извадите, врз пицата ставете неколку ливчиња свеж босилек и послужете ја. Добар апетит!

Тесто за пица со доматен сос Тесто за пица со доматен сос и моцарела Тесто за пица

Дознајте повеќе...

  • Тестото за вистинската италијанска пица се прави со брашно тип 00. Тоа е висококвалитетно брашно кое што содржи повеќе белковини од обичното и е поскапо од него. Белковините дејствуваат како лепило и му даваат еластичност на тестото. Врвните италијански пица мајстори го користат овој тип на брашно за да добијат стабилно тесто кое лесно се растегнува без да се кине. Негова алтернатива кај нас е брашното тип 500.
  • Жолчката од јајце се става во тестото за да му даде златно-жолта боја и слободно можете да ја прескокнете.
  • По правило, пицата се пече 2 минути на 500°C, но домашните рерни не поддржуваат вакви температури. Дури постојат и пица мајстори кои што користат печки со многу повисока температура и кај нив времето на печење е 35-40 секунди. Краткото време на печење има за цел да спречи тестото да ги впие останатите состојки.
  • Ако сакате додатна арома, 1-2 минути пред да ја извадите пицата од рерната, можете во нејзиниот центар да скршите јајце, да додадете рендан пармезан или да ставите маслинка.
  • Ако состојките од горниот дел се препечени, а тестото останува живо, наредниот пат печете ја пицата на долната преграда во рерната. Ако и ова не успее, обидете се со потенок слој на тесто и помалку состојки.

Убавото кај пиците е што можете да експериментирате до бескрај. Не се ограничувајте и пронајдете ја вашата идеална пица.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.