Шенон Доерти има рак на дојка. Ѕвездата од серијата „Беверли Хилс 90210“ ја сподели лошата вест во интервју за „People“ и откри дека во моментов се лекува.
„Да, имам рак на дојка. Продолжувам да се хранам правилно и да вежбам и сум многу позитивна за мојот живот“ – рекла таа.

44-годишната актерка проговори за својот здравствен проблем откако беше објавено дека таа го тужи својот поранешен менаџер за тоа што го изгубила здравственото осигурување минатата година и не добивала соодветна медицинска нега во тој период.
Според тужбата, во март годинава Шенон дознала дека има инвазивен рак на дојка кој метастазирал барем на една лимфна жлезда. Докторите ја информирале дека ракот се проширил во 2014 година, кога таа немала здравствено осигурување. Во тужбата е посочено дека ако Доерти била осигурана во тој период, ракот ќе бил откриен порано и дека немало да има потреба од мастектомија и хемотерапија.
Шенон стекна светска слава со улогата на Бренда Волш во серијата „Беверли Хилс 90210“, а подоцна глумеше и во серијата „Волшебнички“.

