Во рамките на турнејата „Diamonds“, Ријана беше во посета на Абу Даби, каде имаше впечатлив настап. Но, концертот не беше причината поради која нејзиното име се најде во повеќето странски медиуми. Славната пејачка доби огромно внимание заради реакциите по нејзината посета на Големата Џамија „Шејх Зајед“.
Иако се покри од глава до пети со црна облека, Ријана успеа да ги вознемири надзорниците на џамијата со своето позирање. 25-годишната ѕвезда била замолена да ја напушти популарната туристичка локација поради несоодветното позирање.
Во соопштение за јавноста, од џамијата велат дека им дозволуваат на туристите да разгледуваат и да се фотографираат, но на начин кој е соодветен и не покажува непочитување кон религиозната природа на локацијата.
„Центарот се труди посетителите да влегуваат во џамијата во пристојна облека и да се воздржуваат од однесување кое на каков било начин не соодветствува со светоста на ова религиозно место. Во случај на однесување кое го нарушува моралниот кодекс за пристап во џамијата или кои било други регулации, како несоодветни фотографии, позирање на начин кој не е соодветен во контекстот на светото место, гласно зборување или јадење, директно им се приоѓа на прекршителите на љубезен начин кој ги рефлектира цивилизираноста и толерантноста на Исламот“ – се вели во соопштението.
Додека многумина се согласуваат дека Ријана со своето позирање покажува непочитување кон светото место, не се малку оние кои не гледаат ништо лошо во нејзините фотографии.
Ријана очигледно не сакаше да ризикува со провокативен настап на концертот во Абу Даби, па носеше облека која покриваше најголем дел од нејзиното тело.