Шерил Кол се откажа од традиционалната претстава за тоа како треба да изгледа една невеста и наместо бел, избра црн фустан за својата свадбена прослава во Лондон.
Пред повеќе од две седмици, 31-годишната пејачка стапи во брак со францускиот бизнисмен Жан-Бернард Фернандез-Версини, со кого беше во врска само 3 месеци. Тајната свадба се одржала на 7 јули на приватниот карипски остров Мистик, а на неа присуствувале само 4 гости.
Шерил и нејзиниот 33-годишен сопруг пред два дена пристигнаа во Лондон за да ја прослават својата венчавка со пријателите и семејството. Кол, која веќе има еден брак зад себе, носеше црн долг фустан со кадифен корсет и проѕирно здолниште од високата мода на британската модна куќа Ralph & Russo.
„Овој фустан беше совршен за Шерил за нејзиниот специјален ден. Изборот на црна боја за свадбена прослава беше многу неочекуван, но ми се допаѓа фактот што таа ги изненади сите“ – изјавила дизајнерката Тамара Ралф.
Прославата со црно-бел дрес код, се одржала во клубот „The Library“ во британската престолнина. Листата со гости вклучувала околу 80 роднини и пријатели на новиот брачен пар.
Кол објави дека стапила во брак пред една седмица, споделувајќи со фановите фотографија од свршеничкиот и венчалниот прстен.