Сандра Булок блеска на корицата на октомврискиот „Вог“. Облечена во светкав фустан од есенската колекција на Марк Џејкобс, 49-годишната актерка изгледа истовремено и сериозно и шармантно.
Фотосесијата со славната добитничка на Оскар е дело на германскиот фотограф Петер Линдберг, а е инспирирана од најновиот филм на Булок, „Gravity“.
Научно-фантастичниот трилер „Gravity“ ја раскажува приказната за двајца астронаути (Сандра Булок и Џорџ Клуни) кои се обидуваат да преживеат во вселената, па на фотографиите од едиторијалот Сандра ја победува гравитацијата и позира во пустина која асоцира на друга планета.
Во интервјуто за списанието, Булок открила дека улогата во „Gravity“ ја смета за можност која доаѓа само еднаш во животот. Освен тоа, таа зборувала за синот Луис, кого го посвои во 2010 година, признавајќи дека прави сè за да го заштити од негативното влијание на славата. „Сметам дека овој бизнис може многу брзо да го одземе детето од децата. Не сакам да чувствува притисок од ова што го правам. Во таков случај ќе се откажам. Ќе заминам. Ако видам дека што било од ова кое го правам влијае на него негативно, ќе се спакувам и ќе се преселам во Алјаска“ – изјавила таа.
За да ги избегне папараците, Булок живее во Остин, Тексас, каде може послободно да се движи без постојано да биде следена со фотоапарати.
Привлечната актерка позира во креации на Прада, Дона Каран, Келвин Клајн и Мајкл Корс.
Последен пат Сандра беше на насловната страница на модната библија во октомври 2006 година.