Додека Шведска се подготвува за кралска свадба, расте љубопитството за Софија Хелквист, девојката која на 13 јуни ќе му стане сопруга на принцот Карл Филип.
30-годишната свршеница на згодниот шведски принц е поранешен модел и реалити ѕвезда. Хелквист во многу наврати беше напаѓана заради тоа што во минатото не се срамеше да се разголи малку повеќе за фотосесии и во реалното шоу „Paradise Hotel“.
Во изминативе неколку години неколкупати се појавуваа гласини дека кралското семејство не ја прифаќа Хелквист, но принцот Карл испрати остри критики кон медиумите кои ја осудуваа неговата сакана и ширеа шпекулации за односите со неговите родители.
Во неодамнешно интервју, идните младенци изјавиле дека се запознале на ручек кај свои пријатели и дека тоа било љубов на прв поглед. „Првото нешто кое го забележав кај Карл Филип е што изгледаше скромен. Кога го запознав подобро, видов дека тој е неверојатно природен, многу интелигентен и многу скромен“ – изјавила Софија.
И принцот има убави зборови за првата средба со својата избраничка. „Пред сè таа е убава и има убави очи. Но, таа исто така е фантастична личност. Приземна е и има прекрасен карактер... Не ја знаев магијата на љубовта пред да ја сретнам Софија. Но, откако ја запознав, видов како љубовта може да го промени човек“ – рекол тој.
Парот официјално соопшти дека е во врска во август 2010 година, а на 27 јуни минатата година беше објавена нивната свршувачка.
Софија признала дека интензивно се подготвува за новата улога и дека во иднина ќе се фокусира на хуманитарни активности. „Го познавам кралското семејство со години. Го разбирам нивниот стил на живеење и знам дека нештата ќе се менуваат. Подготвена сум, нема да има изненадувања. Сметам дека сè ќе биде во ред“ – рекла таа.
Пред претстојната свадба, Софија и Карл Филип побарале од гостите да донираат пари во хуманитарна фондација наместо да им купуваат свадбени подароци.