Анџелина Џоли е на мисија во Конго и Руанда, во улога на амбасадор на канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
Славната актерка посети женски камп за бегалци во Конго, за да ја подигне свеста за проблемот со силувањето во воените зони. 37-годишната ѕвезда заедно со британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг, е решена да го запре силувањето како воено оружје.
Во Конго, Џоли и Хејг се сретнале со жртви на сексуално насилство и разговарале со доктори и адвокати кои имаат можност да им помогнат на жртвите и да ги изведат виновниците пред лицето на правдата.
Освен Конго, Џоли и Хејг ја посетиле и Руанда, каде им оддале почит на жртвите во геноцидот во 1994 година.
Британскиот министер бил инспириран да се приклучи кон мисијата од филмот на Џоли „In the Land of Blood and Honey“, кој е фокусиран на последиците од војната во Босна. Околу 50.000 лица се силувани во Босна, 64.000 во Сиера Леоне, 200.000 во Конго и 400.000 во Руанда. Тие цифри доволно зборуваат дека се неопходни мерки за заштита главно на жените во областите засегнати од конфликти.