Денес беа објавени официјалните постери за македонскиот филм „До балчак“, кој премиерно ќе биде прикажан во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Автор на постерите е Ласко Џуровски, додека автор на фотографиите е Ѓорѓи Клинчаров.
Дејствието на филмот „До балчак“ се одвива во годините на општ колапс и „слободен пад“ по крваво задушеното македонско востание од 1903.
Приказната е за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа и една луцидна и слободоумна Eвропјанка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија.
Филмот режиран од Столе Попов е суровa и романтична сторија која ја испитува вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност низ призмата на релативноста на поимите на слобода, правда, љубов, жртвување и предавство.
Приказната ги драматизира и пародира митот и анти-митот на исток и запад, на Европа и Балканот. Фатен во стапица, еден од ликовите ја декларира својата радикална филозофија: „Ебати животот, ако не си подготвен да умреш за него“!