Почетна » Новости » Занимливости » „Браќа Манаки“ 2014: 76 ѕвездени филмови и две македонски премиери

„Браќа Манаки“ 2014: 76 ѕвездени филмови и две македонски премиери

ИФФК „Браќа Манаки“ и Вип оператор ја објавија целосната програма на 35-тото издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, која преку осум програмски категории опфаќа исклучителни 76 филмови, од кои 20 се македонски проекти или филмски копродукции во кои учествува и Република Македонија. Најинтересни за јавноста секако се долго очекуваните гала премиери на двата нови македонски филма кои за првпат ќе бидат прикажани пред широката публика и надвор од фестивалска конкуренција. Тоа се речиси тричасовниот историски спектакл на Столе Попов, До балчак, кој ќе биде прикажан на 14 септември од 20 часот, и социјалната драма Деца на сонцето, третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески, кој ќе биде презентиран на свеченото затворање на 19 септември во истиот термин, со што ќе продолжи традицијата најважните македонски филмови првпат да се прикажуваат во рамки на фестивалската програма во Центарот за култура во Битола.

Браќа Манаки 2014

„Би сакала да го изразам моето големо задоволство што се наоѓаме пред 35-тото, јубилејно издание на најстариот и најзначаен филмски фестивал во Република Македонија, Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки, кој годинава ќе биде одбележан со низа исклучително значајни премиери и присуство на врвни гости од земјата и странство, ќе биде ново филмско уживање за љубителите на седмата уметност. Убедена сум дека ова издание уште еднаш ќе ја потврди нашата посветеност кон филмската уметност и големата експанзија на македонската кинематографија“ – рече Министерката за култура на Република Македонија, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска.

Таа пред новинарите потенцираше дека од 2008 година до денеска во категориите долгометражни, документарни, кратки и анимирани филмови, се поддржани над 156 проекти, кои имаат реализирано преку 616 учества на меѓународните фестивали и истите освоија 113 награди, импозантна бројка што претставува валоризација на уметничкиот труд и потенцијалот на македонските филмски работници и на македонската филмска уметност.

„Годинашното мото на фестивалот не е избрано случајно. Постојано стремејќи кон повеќе и подобро, цврсто застанати на земјата, го подготвивме и ова фестивалско издание кое повторно нуди врвни филмови, возбудливи и провокативни, креативни и мајсторски сработени. Повторно носиме легендарен директор на фотографија и еден негов помлад колега кој сигурно чекори кон легендите. Повторно носиме врвни филмски ѕвезди, повторно најдобрите македонски филмски продукти стапнуваат на платформата Манаки. Повторно нашите филмаџии, нашите студенти и филмофили ќе се дружат, учат, разменуваат искуства и ќе остваруваат контакти со врвни филмски професионалци од светот.

Горда сум на тоа што го постигнавме изминатите години и годинава - на малиот јубилеј 35 години од постоење на фестивалот - можеме да кажеме дека и најголемите мечти не се неостварливи доколку се работи умно и постојно. Македонија преку Браќа Манаки и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо. Повторно Битола ќе биде домаќин на најголемиот мал фестивал. Повторно Битола ги отвора портите за сите вљубеници во филмот, дојдете да уживате во главната програма, придружните настани и прекрасните дружби до доцна во ноќта. Повторно ѕвездите ќе сјаат најсилно во Битола, повторно ќе ви се помешаат реалноста и сонот, филмската визија и ноќното небо, повторно Битола ќе го облече својот космополитски костум, повторно и засекогаш, само напред и само нагоре. Само смело и само решително, како што правеле браќата Манаки“ – рече директорката на Фестивалот, г-ца Лабина Митевска.

Браќа Манаки 2014

Инаку годинава во изедначена трка во главната програма се најдоа 11 наградувани филма, натпреварувачката програма на краток филм опфаќа 9, Новите визии носат 5 авангардни наслови, исто толку и Вип детската програма, во документарната селекција гледачите ќе имаат можност да видат 9 автентични тематики, 11 филмови се поместени во склоп на македонската панорама, а 15 краткометражни филмови се предвидени во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија. Од специјалните проекции, освен најавените филмови во чест на добитниците на наградите - Големата убавина (Лука Бигаци) и Читачот (Крис Менџис), ќе биде прикажана романско-македонската копродукација Не сум славен, но сум Влав, првиот филм целосно снимен на аромански (влашки) јазик.

Во главната програма имаме филмови од четири континенти, четири филмови кои однеле награди од Берлин (освојувачот на „Златната мечка“, лауреатот на наградата за фотографија), тројца наградени од Кан, „позлатени“ и номинирани филмови од Карлови Вари, Сиднеј, Торонто, Венеција...

„И годинашното, јубилејно издание, на главната натпреварувачка програма, доследно на традицијата, го красат високи уметничко-креативни вредности во изразот, пред сè, на кинематограферите. Изборот на 11-те филмови е стандардно правен од најновите понуди на големите фестивали. Со таквиот избор на проверени уметнички креации, во нашата силна конкуренција на главната програма сите уметници-кинематографери се потенцијални кандидати за наградите, и ќе биде интересно дали и нашето угледно интернационално жири ќе ги потврди вредностите преку нашите награди. Во секој случај и овој пат верната битолска публика и поширокиот домашен состав на филмофили, како и странските гости, сите заедно ќе уживаат во квалитетни остварувања, кои самите за себе ќе зборуваат и ќе ги потврдуваат, високото реноме и интернационалниот престиж на најстариот светски фестивал посветен на креативноста на кинематограферите - Браќа Манаки во Битола, Република Македонија“ – напиша во отсуство Благоја Куновски-Доре, уметнички директор и селектор на главната програма, кој во моментот е во Венеција како член на високореномираното жири на критиката-ФИПРЕСЦИ.

Втора година по ред во дополнителната програма на Фестивалот ќе бидат организирани отворените разговори со гостите под наслов „Опуштено со...“, кои оставија белег на минатогодишното издание. Потоа ќе бидат достапни неколку еднодневни и повеќедневни работилници, на тема: промоција и дистрибуција на новите филмови, дигитална реставрација, правење на кратки филмови и постери, како и case study на Ребека Толи. Во рамки на програмата е предвиден и перформанс на проектот Катлин на уметничката група Калпазан и традиционалната, трета по ред, Балканска конференција на директори на фотографии во асоцијација со ИМАГО. Секако меѓу омилените проекции на Фестивалот се детските филмови од програмата на Вип.

Браќа Манаки 2014

„Вип веќе петта година по ред е дел од оваа ѕвездена филмска приказна. Како искрен поддржувач на создавањето и афирмирањето на вистински културни вредности, за нас ова партнерство е од особено значење. Секоја година во склоп на Вип детската програма даваме конкретен придонес кон збогатувањето на содржините на фестивалот, така што и годинава организираме работилница за деца. Најмладите, освен што ќе имаат можност да научат како се создава филм, за прв пат ќе можат да создадат свој краток филм, да изработат промотивен плакат за него и да го остварат својот сон” – изјави Симона Стефоска Дуковска, раководител на одделот за маркетинг-комуникации и истражување на пазарот во Вип.

Браќа Манаки 2014

Во документарната програма годинава имаме автори-добитници на многу важни награди, како и филмови кои ја освоија публиката и критиката во светот. Во оваа прилика, Гена Теодосиевска, селекторка на документарната програма, го претстави својот избор:

„Деветте документарни филмови кои годинава ги селектирав за 35-тата, јубилејна едиција на Браќа Манаки, се мали ремек-дела на авторите Мона Фрис Бертхаусен, Дебора Перкин, Андреас Јохансон, Тонислав Христов, Исри Халперн, Џое Пискатела, Анета Папатанасиу, Рене Роелофс, Паул Шефер и Дамјан Козоле. Освен извонредниот дебитант од САД, Пискатела, сите посочени автори и режисери имаат импресивни професионални биографии. Сите филмови ќе бидат премиерно прикажани во Македонија. И покрај тоа што нашата програма е од некомпетитивен карактер, бидејќи сè уште владеат стереотипи дека документарниот филм не е доволно атрактивен, селекцијата е направена внимателно за, на фестивалската публика во Битола, ѝ ги донесеме најрелевантните, најгледаните, најпопуларните и најнаградуваните документарни филмови од најновата меѓународна продукција.

Филмот како креативна конструкција, повеќе го гледам како визија отколку како порака за надеж. Објаснувањето би било едноставно: надежта во својата суштина е пасивно исчекување, додека визијата е активна состојба, ги затреперува животните импулси. Тоа треба да биде документарниот филм: континуирана активна и свесна состојба за сè што на ова човештво му се случува“ – рече Теодосиевска.

Во годината кога се навршуваат 20 години од премиерата на Пред дождот, Друштвото на филмски професионалци на Република Македонуија повеќе од заслужено наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ му ја доделува на Милчо Манчевски, нашиот најуспешен филмски режисер. Во таа чест ќе биде прикажан омаж на Манчевски, односно целосниот негов опус на играни филмови.

„Неговите филмови освоија повеќе од 40 меѓународни награди (меѓу кои и Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, ФИПРЕСЦИ, и други), имаа повеќе од 260 фестивалски проекции (сите филмови играле на фестивали од А-категорија), редовна дистрибуција во кино и тв-мрежите на над 50 земји на сите континенти; ги има во филмски енциклопедии и кинотеки, се изучуваат во наставната програма на стотина универзитети, дури и во средните училишта во Италија. Две меѓународни академски конференции се посветени исклучиво на неговите филмови, за нив се објавени над 16,000 текстови и неколку книги во меѓународната публицистика и печат, како и бројни Интернет-референции.

Овие филмови етаблираа нова фаза во современата филмска продукција во Македонија. Глобалниот успех на Манчевски покажа дека нема мали и големи кинематографии - има само мали и големи филмови“ – изјави во оваа пригода Роберт Насков, претседател на ДФПМ.

И годинава отворањето и затворањето на „Браќа Манаки“, директно од црвениот тепих, ексклузивно ќе се пренесува на првиот канал на Македонската телевизија.

Како што беше објавено, 35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Во програмата Нови визии, пак, ќе биде прикажана иднината на светскиот филм.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 18975 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.