Фасцинантен, моќен и прецизен глас кој ги занемува слушателите, префинет стил кој е анализиран до најмал детаљ, песни кои допираат длабоко во срцето и ја милуваат душата, тоа се само три од асоцијациите кои водат до македонската ѕвезда Каролина Гочева.
Каролина
Како пејачка која нераскинливата врска со музиката ја започнала уште од мали нозе, таа со богато искуство го нижи секој музички ѓердан од хитови и континуирано се надминува себеси, поставувајќи притоа високи стандарди на современата македонска сцена.
Албумите „Македонско девојче“ (1 и 2) се неоспорливи докази дека Каролина умее мајсторски да танцува со гласот во различни музички правци, а резултатот секогаш да е феноменален.
Штом „најпознатото македонско девојче“, кое неодамна стана заштитно лице на „Avon“, ќе разлее милозвучна приказна од сцената, автоматски следуваат воздишки и извираат комплименти и нескротливи емоции.
Проектот „Македонско девојче“ е редок бисер на македонската музичка сцена. Која песна од двата албума најмногу ти лежи на срце?
- Од првиот албум „Дојде време, дојде“, додека од вториот „Кој да ми запее“.
Кога би морала со три збора да го опишеш твојот настап во „Карнеги Хол“ со Дуке Бојаџиев и камерниот оркестар на Македонската филхармонија, тоа би биле...
- Ми беше задоволство! :)
Секој што малку те познава знае дека имаш специјално место во срцето за твојата внука Луција. Која е најважната животна лекција што ќе настојуваш да ѝ ја предадеш?
- Луце моја е многу итро и паметно дете, уште од малечко знае што сака и доста е тврдоглава, ама и многу добродушна. Не постои правило според кое може да се живее животот, па така ни само една животна лекција која би се издвоила како најважна. Единствено, ако би можела да учи на туѓите грешки, за разлика од повеќето од нас кои некогаш ни на своите не учиме.
Кој е најдобриот совет што си го добила во животот? Од кого?
- Не сум многу послушна кога се совети од други во прашање, подобра сум кога давам совети. Но, еден од ретките совети кои сум ги послушала и настојувам да ги применам е секогаш да си ја следам интуицијата.
Која песна од светската сцена од последните 10 години би сакала да ја снимеше ти?
- Навистина се повеќе, од Coldplay, Rihanna, Killers, Ed Sheeran... иако повеќето од моите омилени песни се постари од 10 години.
Кои се најапсурдните гласини кои си ги чула за себе?
- Искрено, што поради природата на мојата професија, што поради поднебјето каде живееме, толку многу глупости сум се изнаслушала, така што веќе воопшто и не ги регистрирам, ниту ги памтам, а искрено повеќе не ме ни вознемируваат.
Откриј ни 5 факти за тебе кои обожавателите не ги знаат.
- Повеќе од 5 се, секако, но еве ги првите 5 кои ми паѓаат на памет:
Каролина
- Знам многу добро да имитирам (но само во кругот на најблиските и кога сум добро расположена).
- Многу зборувам додека гледам филмови, а тоа ги нервира тие кои со мене гледаат во моментот.
- Најмногу сакам да јадам навечер, особено ако сум излегла во град, тоа ми е најслаткото јадење.
- Правам најдобри 3 врсти на шпагети, ама стварно се најдобри!
- И не можам да се сетам на 5-ти факт.
Кога би ѕирнале во твојата чанта, со сигурност ќе здогледаме...
- Ништо посебно! Само новчаник, телефон и евентуално сјај за усни.
Неколку месеци си дел од големото семејство на Avon. Издвој еден нивен производ кој стана константа во твојот несесер.
- Сјајот за усни што го спомнав погоре.
Каков е твојот став за пластичната хирургија?
- Немам ништо против, иако не ми се допаѓа вештачки изглед и не ми е јасно зошто некој би сакал да се промени до непрепознатливост. Ама па, секој си има право да изгледа како сака.
Која дама вистински ја заслужува титулата „модна икона“?
- Според мене Оливија Палермо, Селена Гомез, Рошин Марфи, Кендал Џенер...
Доколку не беше пејачка, Каролина би била...
- Од малечка сум пејачка, така да не знам што би била.
Со што се почести од првата плата?
- Не се сеќавам, беше одамна, некаде во тинејџерските години ги заработив првите пари, така да веројатно сум си купила нешто за облекување.
Која фраза или збор претерано ги користиш?
- Главно со израз на лице покажувам сè!
Три песни кои ги има на твојата омилена плејлиста...
- Не можам да издвојам три. Ниту песни, ниту книги, ниту филмови...
Што за тебе е совршена среќа?
- Нешто кое приближно постои само кога сме деца, само штета што во тој момент не сме свесни за тоа.