Барањето работа во денешни услови е како барање игла во сено. Многу ретко можете да најдете отворено работно место кое заслужува со сите сили да се обидете да го добиете. Но, дури и кога ќе го најдете, шансите дека ќе ви се насмевне среќата и дека ќе станете среќно вработена се многу мали.
Најчесто процесот се движи по следниот распоред: кандидирате со соодветните документи, ве канат за интервју, се претставувате најдобро што знаете, понекогаш успевате да стигнете и до втор круг, влегувате во потесниот избор, но на крајот или добивате негативен или не добивате никаков одговор.
Сигурно постојано се прашувате каде грешите или зошто иако бевте идеален кандидат некој друг успеал да ја добие работата за која што сте кандидирале. За да успеете да најдете одговор на тие прашања, ги класифициравме во две групи најчестите причини поради кои може да бидете одбиени.
5 причини врз кои не можете да влијаете
- Вие сте поквалификувани отколку што се бара. Не е реткост да бидете одбиени токму поради тоа што сте повеќе од квалификувани за конкретното работно место. Работодавачите најчесто бараат наивни луѓе врз кои ќе можат да влијаат. Ако имате високи квалификации, тие се плашат дека кога ќе ви се пружи подобра прилика вие веднаш ќе дадете отказ.
- Фирмата бара евтина работна рака. Денес постојат многу кандидати кои би прифатиле да работат за помала плата. Дури и вие да сте подобар кандидат, ако некој друг прифати да работи за помалку, голема е веројатноста дека вие ќе бидете одбиени. Затоа треба да бидете внимателни кога тема на разговор на интервјуто се парите. Но, тоа не значи дека треба да си го потценувате својот труд и да кажувате дека очајно ви треба работа и би прифатиле да работите без разлика на платата.
- Поголеми врски или непотизам. Кандидирате за одредено работно место и знаете дека сте меѓу најјаките кандидати. Самоуверено одите на интервјуа и добивате позитивни реакции. Но, на крајот повторно завршувате со негативен одговор. Зошто? Не е тајна дека во нашата држава работите не функционираат како што треба. Ако кандидирате за државна работа, веројатноста дека ќе бидете вработени без да поседувате партиска книшка во „правилната“ боја се стреми кон нула. Но, освен работните места во државниот, и работните места во приватниот сектор најчесто се добиваат „со врски“. Па, не треба да ве изненади фактот што работата може да ви ја грабне од рацете близок пријател или роднина на оној кој ве интервјуира.
- Фиктивно интервју. За жал, ова е редовна практика на многу македонски фирми. Работодавачите објавуваат огласи за работни места кои веќе се знае кој ќе ги пополни. Иако навидум сè изгледа регуларно, сепак на крајот работата ја добива личност која што од почетокот се знаело дека ќе биде назначена на тоа работно место.
- Не сте му се допаднале на интервјуерот. Постојат професионалци кои можат да ги остават настрана сите свои чувства и да носат објективни одлуки. Но, многу често одлуките на луѓето се влијаат од чувствата и стануваат субјективни. Ако оној кој ве интервјуира развие одбивност кон вас или е во лошо расположение, тешко ќе можете да го убедите дека сте идеален кандидат.
5 причини врз кои можете да влијаете
- Несредени документи за кандидирање. Документите со кои кандидирате се вашето прво претставување пред фирмата, иако физички вие не сте таму. Според изгледот и подреденоста на документите работодавачите си го оформуваат своето прво мислење за кандидатите и ги избираат оние кои ќе продолжат во трката, т.е. на интервју. Во никој случај не си дозволувајте да имате печатни грешки, да ги претставувате податоците неорганизирано, да немате одделени параграфи или да претерувате со самобендисаност.
- Занемарено мотивационо писмо. Најголема грешка што можете да ја направите кога ги подготвувате документите за кандидирање е да најдете мотивационо писмо на интернет и да го копирате. Бидете свесни дека за работното место за кое што вие кандидирате поддале документи уште десетици други луѓе, кои најверојатно побарале мотивационо писмо на интернет и дел од нив го копирале. Мотивационото писмо е начин да се „продадете“, да го убедите работодавачот дека вие сте соодветен кандидат кој заслужува да биде поканет на интервју.
- Несоодветен надворешен изглед. Можеби ќе звучи како клише, но првиот впечаток е особено важен. Кога кандидирате за работно место за кое се потребни постојани контакти со клиенти, треба да внимавате на својот изглед на интервјуто. Нема да погрешите ако носите конзервативна облека, минимална шминка и накит и имате средена коса.
- Неподготвеност за интервју. Секој кој бил на интервју знае дека некои работи се одвиваат како по шаблон. Ако не сте подготвени со одговори на најчесто поставуваните прашања, голема е веројатноста дека ќе се најдете во ситуација да не знаете што да одговорите. Молчењето не остава добар впечаток. Освен што треба да бидете подготвени да одговорите на сите прашања, вие треба да бидете припремени да поставите и свои и дури и да направите подлабока дискусија. Голем бонус за вас ќе биде ако имате направено истражување за фирмата. Со тоа ќе му кажете на работодавачот дека сте сериозен кандидат.
- Вие сте просечен кандидат. Денес, кога конкуренцијата е огромна, за да успеете да се вработите не треба да бидете само просечен кандидат. Треба да знаете кои се вашите силни страни и да знаете на елегантен и ненападен начин да ги истакнете. Во денешно време скоро секој има завршено факултет и знае барем еден странски јазик. За да отскокнете од толпата, вие треба да покажете повеќе од тоа.
За крај...
Најважно е да не се откажувате. Барањето на работа во нашата држава е тешко и создава многу стрес, нервози и главоболки, но токму тоа ќе ве научи како да бидете посилни и како да се борите за она што го заслужувате.