Привлечноста игра голема улога во животот на луѓето, па научниците постојано се обидуваат да ги разоткријат нејзините тајни. Нивниот заклучок неретко е ист – привлечноста е комплексна.
Истражување на психолозите Кристофер Сед од Универзитетот во Њујорк и Александар Тодоров од Принстон имало за цел да открие што ги привлекува луѓето кај лицата на спротивниот пол.
Користејќи илјадници слики и оценки од 40 студенти и студентки, научниците создале компјутерски модел којшто тестирал 50 различни карактеристики на лицето како тен, форма на носот, дебелина на усните, големина на очите и сл.
Резултатите покажале дека за мажите најпривлечни се жени со женствени црти на лицето кои имаат дебели полни усни и големи очи.
Од друга страна, за жените најпривлечни биле мажи кои имале темен тен и женствена форма на лицето. Психолозите уште еднаш истакнаа дека привлечноста има комплексна природа, т.е. не мора да значи дека машкото лице е привлечно само ако е мажествено.