Некои луѓе се прекрасни и токму во моменти на очај се светлината на крајот од тунелот.
Таква е групата граѓани од 3D Принт Медицинска Опрема која создава 3Д печатени заштитни маски за доктори и медицински сестри кои секојдневно се изложени на коронавирусот.
Групата беше создадена пред неколку дена по иницијатива на докторот Александар Каревски. Тие веќе располагаат со 50 3Д принтери со кои имаат изработено повеќе од 400 визири, кои веќе се дистрибуираат низ болниците, клиниките и медицинските центри низ земјата. Пред да се дистрибуираат, визирите се дезинфицираат.
„30-тина тивки херои, повеќето од нив немедицинари хумани дечки, деноноќно работат на производство на визириве, со свои принтери и лични материјали започна се по иницијатива на Александар Каревски и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари - АСМЛ. Поддршката е сè поголема, цела фела а и цела држава треба да е благодарна на овие луѓе, кога ќе помине се ќе се пофалиме кои се!“ – напиша доктор Ненад Лазаров од ПЗУ Медика Вера, кој исто така е дел од хуманата група.
„Ретко кога сум бил волку воодушевен и импресиониран од желбата, проактивноста и несебичноста која многу луѓе ми ја покажаа овие денови!
Телефонот не застанува“ – напиша на Facebook Бојан Трајковски од АСМЛ.
Доколку сакате да донирате, можете да го направите тоа на:
Асоцијација на специјализанти и млади лекари на Македонија - АСМЛ Скопје
Сметка: 320100024402679
Централна кооперативна банка
Даночен број: 4032014526408