Кога Ада Гуан и нејзиниот партнер Вестли Бранч тргнале на патување со авион за Јапонија, не можеле ни да претпостават дека за неколку часа ќе им се промени животот засекогаш.
23-годишната Канаѓанка не знаела дека е во блажена состојба, сè до моментот кога за време на летот започнале породилните болки. Ада, која тогаш била во 37. недела од бременоста, го родила своето бебе во авионот.
Неколку недели пред породувањето, Гуан направила тест за бременост, но бил негативен, па решила да замине на планираното патување.
За време на летот, Гуан имала силни болки во стомакот. Сепак, таа на почетокот не ни помислувала дека тоа може да се породилни болки. „Ме преместија во прва класа бидејќи чувствував дека нешто сака да излезе од мене. Па, веројатно тоа беше моментот кога сфатив“ – рекла изненадената мајка. „Мислев дека се здебелив некој килограм, а потоа се случи ова“ – додала таа.
Еден од патниците, кој бил доктор, веднаш побрзал да помогне да биде доведено на свет девојчето кое го доби името Клои. За среќа, во авионот имало уште двајца доктори кои се вклучиле во породувањето.
„Не можев ни да си замислам. Ова се случи сосема неочекувано. Тоа е прекрасно девојче“ – изјавил Бранч за јапонска телевизиска станица.
При првата укажана прилика авионот слетал на јапонски аеродром, 30 минути пред планираното време. Мајката и бебето веднаш биле пренесени во болница во Токио и од авионската компанија известуваат дека тие се во добра здравствена состојба.