Софи Олдриџ неочекувано станала мајка. 20-годишната Англичанка дознала дека е бремена кога ѝ пукнал водењакот, а околу половина час подоцна го родила синот Томас.
Олдриџ не знаела дека е во блажена состојба затоа што не забележала никакви симптоми – немала промени во менструалниот циклус и не се здебелила. Фотографиите на кои таа позира во седмиот и осмиот месец од бременоста се доказ дека нејзиниот изглед останал непроменет.
Една ноќ Софи се разбудила поради силни болки во грбот, а нејзината мајка ја однела на болница. Бидејќи нејзината здравствена состојба не била сериозна, докторите ја пуштиле дома. Но, откако болките ѝ се влошиле, таа била пренесена в болница со амбулантно возило.
Додека патувале кон болницата, Софи им рекла на медицинските лица дека се намокрила, а тие брзо сфатиле дека станува збор за пукнат водењак и дека болките на девојката се всушност породилни болки. Околу 30 минути подоцна, Софи го родила малиот Томас.
„Знам дека може да им звучи глупаво на некои луѓе, но јас буквално не знаев дека сум бремена – немав никакви симптоми. Немав утрински мачнини, ја носев мојата облека со конфекциски број 10, имав редовна менструација во текот на бременоста. Поради тоа што не знаев дека сум бремена, сè уште излегував и пиев со пријателите. Беше огромен шок за сите кога одненадеж пристигнав дома со бебе“ – рекла таа.
Роднините и пријателите на Софи веднаш се организирале за да ја снабдат новата мајка со неопходните работи – креветче, пелени, количка, облека...
„На одреден начин мило ми е што се случи – не би го заменила Томас за ништо на светов. Милувам да го нарекувам мое мало чудо“ – дополнила таа.