На сториите од типот „не знаев дека сум бремена до породувањето“ секогаш се гледа со неверување. Сепак, факт е дека не е мал бројот на жени кои дознаваат дека ќе станат мајки непосредно пред да го добијат своето бебе во рацете.
Џеки Овингс сфатила дека е во блажена состојба дури откако ѝ пукнал водењакот. 22-годишната Британка не знаела дека е бремена кога ја направила оваа селфи фотографија. Иако била во петтиот месец во бременоста, нејзината фигура ниту малку не го покажувала тоа.
„Пиев таблети за контрацепција, мојата менструација не се промени и немав трудничко стомаче. Дури и кога го држев Евард, не можев да верувам дека е вистина“ – изјавила таа.
Бидејќи не знаела дека е трудна, Џеки воопшто не внимавала на себе, дури и консумирала алкохол за време на летниот одмор. За среќа, тоа не се одразило негативно на нејзиното бебе. Џеки родила здраво момче кое тежело 2,8 килограми.
Породувањето на Џеки, која работела како шанкерка, започнало со силна главоболка. „Имав ужасна главоболка кога завршив со работа во 6 попладне. Легнав, но се чувствував како електрична бургија да поминува по мојот ‘рбет, а набрзо болката се влоши. Ја слушнав мојата менаџерка пред мојата соба и ја викнав да влезе. Таа ми рече дека ќе донесе мраз и замина, а само неколку секунди подоцна почувствував дека течност бликна меѓу моите нозе. Не можев да поверувам дека се измокрив и тоа пред мојата нова менаџерка. Бев засрамена. Но, таа ми рече дека мисли дека се породувам. Тоа ми немаше смисла. Немав стомак, пиев контрацептивни таблети и сè уште имав менструација. Потоа се сетив дека девет месеци претходно ми беа препишани антибиотици за инфекција. Сфатив дека веројатно антибиотиците влијаеле на контрацепцијата“ – раскажала таа.
Џеки се породила во амбулантното возило на патот кон болницата. Акушерките ѝ рекле дека е во 37. недела од бременоста.
„Сè уште не можев да поверувам. Како е можно да имам бебе без да знам дека сум бремена? Ова е лудо“ – изјавила Џеки.
Откако се созела од големиот шок, Џеки се обидела да ги контактира мајка си и момчето Џек. „Му пратив порака на Џек за да му кажам дека родив бебе, а тој ми врати: Ова шега е? Често се шегувам со него, но кога му пратив селфи од мене и од нашето момче, ми кажа дека доаѓа“ – објаснила младата мајка.
Сега, една година по породувањето, Џеки и Џек се пресреќни со малиот син Едвард. „Џек е брилијантен татко, тој многу го сака Едвард. Веќе зборува за второ дете. Јас сега сакам пауза, но следниот пат барем ќе бидам целосно подготвена“ – вели среќната девојка.