Ешли и Тајсон Гарднер конечно можат да им се радуваат на своите мали ќерки во домашна атмосфера. Среќниот пар, кој минатата година го расплака светот со својата емотивна приказна за борбата со неплодноста, но и со прекрасната вест дека ќе добие два пара идентични близначки ги однесе дома четирите девојчиња.
Фотографиите на списанието People биле направени само два дена откако и последното бебенце добило зелено светло од докторите за конечно да си замине дома.
Среќната мајка, која забремени со помош на ин витро постапка, се породи во 29. недела од бременоста, па поради тоа бебињата ги поминаа првите два месеца од своите животи на болница.
Парот од Јута, водеше осумгодишна борба со неплодност пред да ја дознае неочекуваната вест дека ќе добие четири деца. Реакцијата на Ешли тогаш стана интернет хит.
Многумина будно го следеа прекрасното патување на Ешли и Тајсон и заедно со нив се радуваа кога близначките се родија во добра здравствена состојба два дена пред Нова година.
Ешли страда од ендометриоза и поради тоа не можела да забремени. Битката со неплодноста таа прво ја чуваше во потесниот круг на семејството, но подоцна реши отворено да зборува. „Пред година и пол решив да се отворам за нашите битки со неплодноста. Беше тешко кога постојано нè прашуваа зошто сè уште немаме деца. Ми се смачи да давам изговори за нешто што не беше под моја контрола и емотивно ме засегнуваше многу. Се отворив и не можев да поверувам колкава поддршка добив од сите. Дури и од луѓе кои не ги познавам. Беше прекрасно чувството да не морам повеќе да ја кријам оваа ужасна болест на неплодност и отворено да зборувам за тоа! Научив дека многу други парови поминуваат низ истото. И оттогаш имам можност да им помогнам на многу други кои се мачат и се чувствуваат сами во текот на тоа патување кое го крши срцето“ – раскажа неодамна Ешли во интервју за CNN.
Потсетете се на емотивното патување на новите родители: