Семјуел Форест е татко кој заслужено доби илјадници позитивни коментари и охрабрувачки зборови. Кога неговата сопруга се породила и дознала дека бебето има Даунов синдром, веднаш решила дека не сака да го задржи малото момченце. Откако Семјуел ѝ соопштил дека нема намера да се откаже од нивниот син, таа поднела документи за развод.
Мајката Рузан Бадалјан се породила на 21 јануари во Ерменија, каде не било невообичаено родителите да се откажуваат од децата родени со физички или психички проблеми. И таа и нејзиното семејство не сакале да го примат бебето, бидејќи тоа би било срам за целата фамилија.
Семјуел раскажал за сите шокантни случувања на денот на раѓањето на неговиот син. „Педијатарот излезе од собата со нешто малечко. Тоа беше Лео. Неговото лице беше покриено и вработените во болницата не ми дозволуваа да го видам, ниту него, ниту жена ми“ – рекол таткото во интервју за ABC News.
По кратко време, Семјуел ја добил лошата вест дека неговиот син има сериозен проблем. „Кога влегов во собата, сите се свртија кон мене и ми рекоа: Лео има Даунов синдром“ – изјавил тој.
Следувале неколку моменти на шок, но Форест брзо се созел и им рекол на докторите: „Тој е прекрасен, тој е совршен и дефинитивно сакам да го задржам“.
Одлучниот татко го зел Лео во рацете и се упатил да ѝ го покаже на сопругата, но таму го очекувал вистински шок. Жена му не сакала ни да го погледне ни да го допре нивниот син и без размислување му рекла дека доколку го задржи бебето, тие ќе се разведат. „Веднаш ми беше поставен ултиматум. Таа ми рече дека ако го задржам, ќе се разведе од мене“ – рекол Форест.
За среќа на малечкиот Лео, татковската љубов надвладеала. Сега Семјуел собира средства за да се преселат со синот во неговата татковина Нов Зеланд. Преку онлајн акцијата „Bring Leo Home“ за нив се донирани над 330.000 долари.
Се смета дека 98% од родителите на деца со Даунов синдром во Ерменија ги напуштаат своите малечки уште при раѓањето. Децата живеат изолирани од општеството во домови за деца без родители.
Семјуел ветил дека дел од донираните средства ќе завршат за помагање на организациите кои ги поттикнуваат родителите во Ерменија да ги задржат децата со специјални потреби.
Надополнето
Откако сторијата за Форест го обиколи светот, мајката Рузан се огласи на Facebook. Во својата порака таа објасни дека се откажала од Лео за тој да може да има нормален живот во Нов Зеланд, што според неа, би било невозможно во Ерменија.
„21 јануари беше најсреќен ден за мене, затоа што конечно го родив долгоочекуваниот син. Нашиот син се роди во 6.30 наутро и се сеќавам на растревожените лица околу мене и на загрижениот изглед на докторите. Се разбудив часови по анестезијата и веднаш прашав каде се наоѓа моето дете. Се сеќавам на тажните лица на моите роднини и докторите и на дијагнозата која звучеше како пресуда: „Твоето дете е родено со Даунов синдром“. Можете само да замислите како се чувствував во моментот.“
„Сè уште немав закрепнато од првичниот шок, кога докторот ми пријде и ми рече дека треба да донесам одлука дали ќе го задржам Лео или не. Во следните неколку часови морав да ја донесам најбезмилосната одлука во мојот живот. Првото нешто што ми падна на ум откако ја чув дијагнозата беше тоа дека не сакам моето дете да живее во држава каде одредени стереотипи владеат со животите на лицата со Даунов синдром и држава во која нема никакви можности за нив... По раѓањето на Лео, неколку часа се обидував да решам која е најдобра судбина за детето. Сите во мојата фамилија сфатија дека интересите на бебето треба да бидат ставени на прво место и дека неговото преселување во друга држава ќе ја реши ситуацијата и Сем го прифати тоа. Во Ерменија секое дете е сакано и почитувано, но во оваа земја на децата со посебни потреби им треба специјално внимание, огромни финансиски ресурси и посветеност.“
„Во најтешкиот момент од мојот живот, кога мојот сопруг требаше да е до мене за да ме поддржи и да ми помогне да ја донесам правилната одлука, јас не можев да најдам поддршка од негова страна. По тој инцидент, тој ја напушти болницата и неколку часа подоцна ме извести дека ќе го земе детето со себе и дека ќе замине во Нов Зеланд“ – пишува Рузан и вели дека не го принудила Семјуел да избира помеѓу неа и бебето.
„Имав две опции: да се грижам за детето сама во Ерменија или да ги напуштам моите мајчински инстинкти за да му дадам на бебето можност да ужива во пристоен живот со својот татко во Нов Зеланд. Јас ја избрав втората опција.“