Николас Џорџ Винтон, нарекуван „Британскиот Шиндлер“, е херојот кој спасил 669 деца од смрт.
Хуманиот Британец го организирал транспортирањето на стотици деца од Чехословачка во Велика Британија, спасувајќи ги од нацистичките концентрациони логори. Околу 50 години тој молчел за својот хуман подвиг. Скромниот старец ќе ја однесел тајната в гроб ако неговата сопруга во 1988 година на таван не ја откриела тетратката со детални податоци за спасените. Во неа биле запишани сите имиња на децата, имињата на нивните родители, како и имињата и адресите на Британците кои ги згрижиле.
Пред четири дена, на 19 мај, Винтон го прослави својот 105-ти роденден. На неговата роденденска забава, одржана во чешката амбасада во Лондон, присуствувале потомци на спасените 669 деца, од кои повеќето биле Евреи. Се проценува дека околу 6.000 лица во светот му го должат својот живот на добродушниот старец.
Истиот ден, беше соопштено дека Винтон ќе добие Орден на белиот лав, највисоко одликување на Чешка.
„Твојот живот е пример за хуманост, несебичност, храброст и скромност“ – изјавил Милош Земан, претседателот на Чешка.
Во 1939 година, Винтон организирал осум воза со деца да стигнат безбедно во Лондон. Преку реклами во весници, тој пронашол семејства од Велика Британија кои се согласиле да ги згрижат децата. Речиси сите родители на децата завршиле во логорите на смртта. Тргнувањето на деветтиот воз, кој било планирано да превезе 250 деца, било откажано бидејќи започнала Втората светска војна.
Светот ја слушна приказната за големиот херој во емисија на BBC во 1988 година, кога тој беше поканет како гостин во публиката. Во еден момент водителката ја покажа неговата тетратка, а потоа побара да се исправат на нозе сите лица од публиката кои му го должат животот на Винтон. Погледнете ја емотивната снимка:
Винтон дефинитивно е личност која нема да ја заборавите.