Денес се одбележува Светскиот ден на предвреме родените бебиња, посветен на малите херои кои биле принудени од својот прв ден на овој свет да се борат за живот.
Најмалото бебенце родено кај нас кое преживеало се вика Бетим и беше родено во февруари 2018 година во 23,3 гестациска недела.
Благодарение на посветеноста и стручноста на тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство, кој четири месеци го негуваше, Бетим сега е среќно и здраво 3-годишно детенце.
„Моменти на неизвесност, на страв, на солзи, но и голема верба во тоа што денес е Бетим“ - вели мајката на Бетим во видеото на Министерството за здравство, во кое се појавуваат и дел од медицинските лица заслужни за напредувањето на најмалите бебиња.
„Постојат две богатства во животот – децата и нивното здравје“ – порачува медицинската сестра Даниела Љубовчевска.
Видео
Околу 25% од сите раѓања во нашата земја спаѓаат во категоријата предвремено породување. Позитивна вест е што значително е зголемен процентот на преживување на предвремено родени бебиња. Имено, ако се земат предвид изминатите пет години, смртноста кај предвреме родените бебиња опадна од 25% на 8,9%.