Ричард Скот Вилијам Хачинсон има огромна желба за живот и докажува дека секој треба да добие шанса да преживее.
Ричард се роди на 5 јуни минатата година, 131 ден предвреме. Тој тежел помалку од 450 грама, а докторите му давале 0% шанси да преживее. И покрај сите лоши прогнози, се избори за својот живот и го прослави првиот роденден.
Слаткото бебе влезе во Гинисовата книга на рекорди како Најрано родено бебе на светот кое преживеало.
Неговата мајка Бет дознала дека е бремена во февруари 2020 година. На почетокот од јуни почувствувала дека нешто не е во ред и отишла на преглед, каде било утврдено дека цервиксот е отворен 3 сантиметри. Веднаш била примена во болница и по разговори со докторите, било решено таа да биде породена.
Ричард се роди во 21. недела од бременоста на мајка си и ги помина првите шест месеци од својот живот во болница.
„Кога Рок и Бет беа на советување за очекувањата со толку рано родено бебе, од нашиот неонатолошки тим им беше кажано дека бебето има 0% шанси да преживее“ – рекла др. Стејси Керн од болницата каде што се родило „бебето-чудо“.
„Знаев дека првите неколку недели од животот на Ричард ќе бидат многу тешки, но чувствував дека можеме да го поминеме ова, дека тој ќе преживее“ – рекла Бет за Гинис.
За Гинисовиот рекорд, Бет рекла: „Не ми е реално. Сè уште сме изненадени поради тоа. Но, сме среќни. Тоа е начин за да ја споделиме неговата приказна и да ја подигнеме свеста за прематурните раѓања. Тој е многу среќно бебе. Секогаш има насмевка на неговото неодоливо лице. Неговите сини очи и неговата насмевка секогаш ме освојуваат“.