Рагбист се обедини со пожарникарот кој бестрашно влезе во црниот чад и му го спаси животот во пожар пред 22 години.
Ерик Ол имал само 5 месеци кога куќата на неговото семејство била зафатена од огнените јазици предизвикани од 4-годишно момче кое си играло со запалка. Неговиот татко бил во куќата, но собата на бебенцето била блокирана и не можел да го извлече.
Кога пожарникарот Том Бројлс стигнал на местото, бил пречекан од растроен татко кој го молел да му го спаси синчето.
„Поставивме скала до тој прозорец и јас се качив горе. Не можев да видам ништо низ црниот чад“ – рекол тој.
Том со рацете ја пронашол игротеката на подот и успеал да му го дофати телото.
„Ерик беше млитав во моите раце. Мислев дека е предоцна“ – раскажал тој за моментот.
Дишните патишта на бебенцето биле многу отечени од вдишаниот чад и тоа морало да помине една недела во болница под седативи.
„Тоа беа најтешките седум дена. Но, на крајот се разбуди и оттогаш е добар. Благодарни сме. Никогаш нема да можеме доволно да му се заблагодариме“ – рекла мајка му Кели.
За среќа, Ерик немал трајни последици од пожарот и сега е успешен рагбист и татко на едно момче.
Првата средба со пожарникарот кој му го спасил животот била за време на негов натпревар.
„Го гледав со мојата сопруга и си мислев: ‘Тоа е наше дете’. Се гордеам со него. Ќе одиме и на следниот натпревар“ – рекол Том.
„Му го должам мојот живот“ – рекол Ерик за Том.