Мајка сподели фотографии од изгорениците на нејзиното малечко за да ги предупреди родителите дека невниманието во кујната може скапо да ги чини.
Фотографиите беа објавени од „Our Little Preemie“ заедно со порака во која се потенцира колку е опасно да се готви со мало дете во близина.
Предупредување! Следуваат вознемирувачки фотографии:
Денес, не го слушав она тивко предупредување во мојата глава додека готвев. Денес, не го преместив моето малечко надвор од кујната, знаејќи дека тоа може да ги дофати работите без да се колеба. Денес, му нанесов трајни лузни на моето бебе без да имам таква намера. Но, тоа се случи. Болката се случи во моментот кога се свртив да го преместам жешкото тавче во мијалникот. Знаев дека треба да ги следам моите инстинкти како што имав направено илјада пати претходно. Секогаш го ставам Бејли во неговото бебешко столче или на високо место спротивно од мене каде сака да си игра и да набљудува. Но, денес не го направив тоа. Брзав. Сакав да побрзам за да можам да ги земам другите два сина од училиште. Едноставно морав малку да побрзам за да завршам со готвењето. Не сум сигурна зошто, но едноставно не го преместив и ова постојано си го повторувам во мојата глава. Тоа беше лекција која веќе ми беше добро позната. Моето невнимание скапо ме чинеше.
Денес, додека готвев, го претурив жешкото масло во помала чинија и ја оставив на работната површина покрај шпоретот. Се свртив само 2 секунди и го слушнав токму она од коешто се плашев и кое нормално СЕКОГАШ се трудев да го избегнам. Но, денес не мислев дека може да ми се случи мене. Бејли посегна и го тргна жешкото масло. Во секундата кога го слушнав вресокот, го подигнав и го ставив во мијалникот. Колку што можев побрзо ја пуштив ладната вода и го намокрив од глава до пети додека се борев да го извадам телефонот. Веднаш почнав да плачам гледајќи како кожата му се лупи од раката. Бев бесно лута на самата себе: „Зошто не го поместив садот поназад?! Зошто не го ставив во бебешкото столче?!?!“
Повикав брза помош додека трчав надвор. Не бев сигурна што треба да направам. Запрев камион во кој имаше една жена и таа ми помогна да ја заклучам куќата. Се јавив во училиштето и на мојот сопруг и ја имав најдобрата помош. Таа жена остана со мене додека да се качиме во амбулантното возило.
Медицинските лица веднаш му дадоа лекарство против болка за да го смират. Хирургот за изгореници дојде на разговор и да го исчисти. Никогаш не сум се чувствувала полошо. Никогаш ги немам одделено очите од Бејли. Ми дозволија да бидам во собата цело време додека му ја чистеа кожата. Изгорениците се само од втор степен, но покриваат голем дел од неговото тело. Денес беше апсолутно најголемото каење што не ја следев мојата мајчинска интуиција и си мислев „тоа никогаш не може да ми се случи мене“.
Може.
Премести го подалеку.
Врзи го бебето на безбедно место.
Каењето е одвратно.
Засекогаш ќе те прогонува доколку го видиш твоето бебе како страда затоа што не си била екстра претпазлива.
Фотографиите се вознемирувачки.
Тој се опоравува дома и имаме неделни преврски за раните.
Подоцна, мајката додаде дека раните биле полоши отколку што мислеле и дека на Бејли треба да му биде направена операција.
Предупредување! Следуваат вознемирувачки фотографии: