Мајка на 10 деца со гордост го покажува своето големо семејство.
Сату Гонзалез отсекогаш сонувала да има многу деца. 37-годишната Швеѓанка за првпат забременила на 21 година. Среќата била неизмерна кога го видела позитивниот тест. За жал, нејзината прва бременост завршила со спонтан абортус и таа морала да направи операција.
Две и пол години подоцна, таа повторно забременила и ја родила ќерката Никол. Оттогаш, па наваму, Сату 14 години беше бремена речиси нонстоп.
Нејзиното десетто бебе, синот Бенџамин се роди во декември минатата година, 10 недели предвреме. Сату го смета предвременото раѓање за благослов, бидејќи папочната врвца била врзана во цврст јазол и намотана околу вратот на бебето.
Бидејќи луѓето честопати имаат предрасуди за многудетните семејства, целта на Сату е да ги сруши стереотипите. Токму поради тоа и го создала профилот на Instagram.
„Луѓето како да претпоставуваат дека во големите семејства постојано владее хаос, дека децата се валкани и диви. Потоа ги гледаат нашите деца и си го менуваат мислењето. За мене е навистина важно децата секогаш да имаат чиста облека, средена коса и да знаат како да се однесуваат.“
„Јас сум педантна личност и сакам да сум еден чекор понапред. Малите нешта се многу важни, како на пример тоа дека облеката за следното утро е подготвена навечер.“
„Мислам дека многумина се ежат кога ќе слушнат дека имам девет деца, затоа што тоа не би функционирало во нивниот свет. Лесно е да се мисли дека ако нешто не одговара за тебе, дека не одговара и за другите. Но, ако не бев успешна во ова, тешко дека ќе имав толку многу деца“ – рекла таа во интервју додека била бремена со десеттото дете.
„Најдоброто нешто е љубовта што ја добивате од децата. Го сакам семејството со целото мое срце. Децата ми се сè. Дури и кога бев мало девојче сонував за големо семејство“
„Да се биде мајка е голема жртва и потребна е напорна работа. Понекогаш, чувствувам умор уште пред појадокот. Но, насмевките и љубовта на моите деца се најдобрата награда за мојата грижа за нив“ – вели Сату.