Џексон Емет Бјул е мал херој кој континуирано изненадува со својата сила и желба за живот и ги фрла во вода прогнозите на докторите.
Иако докторите биле речиси сигурни дека нема да ја преживее бременоста, малото момче неодамна го прослави својот прв роденден. Инспиративната приказна за Џексон го обиколи светот.
Британи Бјул била во 17-тата недела од бременоста кога гинекологот увидел дека има проблем со развојот на бебето. Дијагноза: Аненцефалија. На родителите им било предложено да го абортираат бебето. Британи и нејзиниот сопруг Брендон се против абортусот, па веднаш решиле дека не е нивна одлуката дали бебето ќе живее или не.
„Кои сме ние да одлучуваме? Нам ни беше дадено дете, ни беше дадена шанса и ние моравме да бидеме неговиот глас“ – изјавил Брендон.
Бременоста на Британи била исполнета со неизвесност. „Беше ужасно. Ми се кршеше срцето, бидејќи се случуваше нешто кое го посакував целиот мој живот, но постоеше и можност да добијам мртвороденче. Тоа ми ја одзеде радоста. Кај мене ја немаше среќата која секоја нормална трудница ја чувствува“ – раскажала таа во интервју за MailOnline.
Џексон ја преживеал бременоста и бил роден на 27 август минатата година со царски рез. Првите три недели од животот бебенцето ги поминало на одделение за неонатална интензивна нега во Флорида.
„Беше многу емотивно. Се сеќавам дека го држев во рацете и ги слушав докторите како велат дека мојот син најверојатно нема никогаш да оди, никогаш да зборува, никогаш да знае кога е гладен и никогаш да гледа и слуша. Тие навистина не очекуваа дека ќе преживее“ – изјавил таткото.
Сега Џексон има нова дијагноза (Microhydranencephaly) и доби соодветна терапија. Сепак, неговите родители стравуваат за иднината. „Се обидувам да останам позитивна во 99% од времето, но го има тој 1%, бидејќи ја знам реалноста на ситуацијата – дека најверојатно ние ќе го надживееме него“ – рекла мајката.
Младиот пар доби огромна поддршка од сите страни на светот, изразена и преку зборови и преку финансиски средства.