Никогаш не треба да се откажувате од соништата, бидејќи секогаш постои начин тие да станат реалност.
Доказ за тоа е Манами Ито, виолинистка која пред 19 години ја изгуби раката, но не и способноста да свири на виолина. Инспиративната Јапонка продолжува да го свири својот омилен инструмент благодарение на протетичка рака, а има работено и како медицинска сестра и се има натпреварувано на Параолимпијадата како пливачка. Таа е мајка на три девојчиња.
Ито научила да свири виолина на 7 години, но нејзиниот живот тотално се променил по сообраќајна несреќа со голем камион на 20-годишна возраст. Како последица на повредите, ѝ била ампутирана десната рака.
„Немав друг избор освен да се откажам од свирењето виолина. Ја изгубив целата надеж, се откажав од училиштето и една година немав излезено од дома“ – објаснила Ито за моментите по несреќата.
Благодарение на вербата на нејзината мајка, која ја замолила еден ден пак да свири виолина, и на специјално изработената протетичка рака, Минами се вратила на она што ја усреќувало пред несреќата.
„Се заколнав дека ќе свирам повторно без разлика колку години ќе ми бидат потребни за тоа. Можеби ќе биде лесна песна како ‘Twinkle, Twinkle, Little Star’ или нешто покомплицирано, но сакав да го свирам пред мојата мајка“.
„Прво не можев да отсвирам ниту една нота, а не свирев пред луѓе 3 или 4 години. Тешко ми беше да откријам како да ги движам рамената за да свирам“ – рекла таа.
По многу часови поминати во учење и вежбање, црпејќи инспирација од спортисти кои постигнале неверојатни резултати со протетички екстремитети, Ито успеа да се врати во музичкиот свет. Таа беше дел од шоуто за таленти на Џејмс Корден „The World’s Best“, а во 2020 година учествуваше во отворањето на Параолимписките игри во Токио.
Сега е пресреќна што толку многу луѓе ја слушаат и ценат нејзината музика и се надева дека ќе ги инспирира.
Успесите на Ито не запираат тука. На Параолимпијадата во Пекинг во 2008 година, таа заврши четврта во својата пливачка дисциплина. Исто така, се натпреваруваше и во Лондон во 2012 година и заврши на осмото место.
„Не сакав никој да ми ги види лузните и се обидував да ги скријам со алиштата или со марами. Но, знаев дека не можам да бидам силна и да продолжам напред без да ги покажам моите лузни. Пливањето беше спортот кој ме охрабри да ја извадам облеката и да продолжам понатаму“.
„По Игрите во Токио, кога и да посетам некое училиште, учениците ми кажуваат дека навистина уживаа во Параолимпијадата и дека натпреварувачите се многу кул. Тоа многу ме усреќуваше“ – рекла Ито.
@classicfm Meet Manami Ito, who plays violin using a prosthetic arm. #violin #music #classicalmusic #japan ♬ original sound - classicfm