„Се започна во средно кога сакав да ослабам бидејќи отсекогаш мислев дека сум дебела. Секогаш ми беше тешко да се вклопам. Кога сите мои другарки имаа партнери, а јас не, започнав да мислам дека тоа е така поради тоа што сум грда и дебела“ – ја започнува својата приказна Емел Луис.
22-годишната девојка искрено и отворено ја прераскажа својата животна приказна на Instagram, сакајќи да предупреди на опасноста од нарушената исхрана и психичките проблеми што доаѓаат заедно со неа. Емел 6 години страдала од анорексија, но успеала да ја победи болеста и да постигне целосно опоравување. Сега се надева дека нејзината потресна приказна ќе им помогне на луѓето кои се соочуваат со слични проблеми.
Кога имала само 15 години, средношколката од Велика Британија решила дека сака да го промени својот изглед. Проблемите со самодовербата и лошата самоперцепција одлучила да ги реши преку вежбање, но неколкумесечните посети на фитнес-сала не ѝ ги донеле замислените резултати. Разочарувањето со кое се соочила ја поттикнало да направи радикални промени во исхраната со кои нејзиното дневно мени се состоело од овошје, зеленчук, оризови галети и мусли. Таа раскажува дека започнала да го шета кучето двапати дневно, да вежба, а дури одбивала да седи мислејќи дека согорува повеќе калории додека стои.
„Тврдев дека сум веганка за да можам да јадам само овошје, зеленчук и сурова храна. Ги јадев истите нешта секој ден. Мусли, хумус, оризови галети, салата и овошје пред спиење“ – раскажува таа и објаснува дека во тоа време сѐ уште мислела дека сѐ е под контрола и дека може да живее нормално во своето ужасно слабо тело.
Понудите за помош од семејството ги одбивала, мислејќи дека тие сакаат да ѝ наштетат. „Одбивав да прифатам лекување и бев убедена дека сите се против мене, дека ме лажат и дека сакаат да ми го уништат животот. Не се чувствував немоќно бидејќи моето тело се адаптира на малата тежина, но нештото кое го поднесував најтешко беше студот. Константно ми беше толку ладно што чувствував постојани болки“ – вели Емел.
Слабеењето продолжило и кога Емел ги започнала студиите по психологија, но таа сѐ уште не верувала дека проблемот е реален. Во текот на годините била хоспитализирана седумпати поради тешки проблеми со здравјето. Нејзините најблиски не се откажале од желбата да ѝ помогнат, но потребно било Емел самата да стигне до точка да сфати дека е преслаба и дека нејзиното тело кое тежело само 31 килограм наскоро ќе ја загуби битката со анорексијата.
„Се сеќавам како еден ден лежев чувствувајќи дека навистина умирам. Тогаш сфатив дека не сум постигнала ништо во мојот живот и дека ова не е начинот на кој сакам да заврши мојата приказна. Тоа ме поттикна да започнам да се борам. Преплашена бев бидејќи знаев дека опоравувањето е обврска од која не смеам да се откажам. Ѝ кажав најпрво на мајка ми дека сакам да започнам со тренинзи за да си ја вратам тежината, а таа имаше стопроцентна доверба во мене и беше спремна да направи сѐ за да ми помогне“ – раскажува храбрата Емел.
Нејзиниот татко, докторите и нејзиниот психолог биле резервирани и имале доза несигурност дека овој пат Емел е навистина решена да започне со лекување. Затоа, таа вели дека желбата да им докаже на сите дека грешат била еден од мотивирачките фактори за неа. Врз психичката состојба на Емел позитивно влијание имал и Instagram, бидејќи фотографиите од луѓе што ја победиле анорексијата ѝ давале сигурност дека и таа може да го постигне истото.
Процесот бил исклучително тежок, но таа никогаш не се откажала. Ужасно исцрпувачки било да се тргне по истиот пат што го врвела изминатите 6 години, но овој пат во обратен правец. Започнала да внесува 2.800 калории дневно, поделени во 6 оброци, и редовно да вежба со помош на тренер. За време на викендите започнала повторно да излегува и да јаде „нездрава“ храна.
„И сега се случува да имам денови кога лошо гледам на моето тело, но најчесто сум горда на тоа што го постигнав и горда на моето тело. Надминувањето на болеста ме направи ментално силна личност и сега го гледам светот со поинакви очи. Секој ден сум благодарна што сум жива и се обидувам да сум најпозитивна што можам во секоја ситуација. Се чувствувам како да можам да постигнам сѐ“ – ја завршува својата приказна 22-годишната студентка.