Не е важно дали денес се разбудивте со идејата да ја славите љубовта или со потсмев гледате на Св. Валентин. Во секој случај, ова видео ќе ви ја врати вербата во љубовта.
Бил и Глед се во брак 50 години и се одличен пример за безусловна љубов. Тие за првпат се запознале уште како деца, кога Бил се дружел со братот на Глед. Нивната љубов започнала да се развива во тинејџерските години. На почетокот на врската, Бил секоја сабота возел по 5 километри на велосипед за да се сретне и да помине одредено време со саканата.
Пред неколку години, докторите откриле дека Глед страда од Алцхајмерова болест. Оттогаш Бил целосно ја презел грижата за својата сакана сопруга – од капење и миење заби, до облекување и хранење. „За мене е голема привилегија да се грижам за жената која ја сакав сите овие години и која продолжувам да ја сакам“ – вели тој во видеото.
Заедничкото возење велосипед било дел од животот на Бил и Глед. Не сакајќи да ги изгуби тие моменти, Бил обезбедил стол на тркала за велосипед со помош на кој до ден денес ја вози својата сопруга покрај плажа.
„Таа има направено толку многу за мене во текот на годините. Сега таа не може, но јас можам... Таа е мојата принцеза, а јас сум нејзиниот Вилијам. Не би сакал да е поинаку“ – вели тој.
Среќен Валентин (на оние кои денес ќе прослават за љубовта)!