„Би се викал Барбара“ е краток документарен филм за двете најголеми желби во животот на едно 22-годишно момче од предградието на Скопје: најпрво да стане девојче, а потоа и популарна пејачка. Соочувајќи се со предизвиците на балканската реалност, таа се обидува да остане верна на она што навистина е.
Документарниот филм ја обработува животната приказна на Филип Јаневски - Фифи, трансродно лице од Скопје. Режијата и сценариото е на Ана Јакимска, а како нејзин асистент на режија се јавува Андреј Георгиев. Останатите членови на тимот се Бранко Костески - камера, Сашко Потер Мицевски - монтажа и Сандра Ѓоргиева - асистент на монтажа. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности - Скопје.