Цели 13 години, Бритни Спирс молчеше за сè што ѝ се случуваше под легалното старателство на нејзиниот татко Џејми Спирс, кое му беше дадено од судот.
Но, на рочиштето пред два дена, 39-годишната музичарка ја раскажа нејзината страна од приказната за случувањата во изминатите години. Сега, таа се бори да излезе од контролата на Џејми, а онлајн има движење за да ѝ биде вратена слободата, кое се одвива под хаштагот #FreeBritney.
На Џејми му беше доделено старателството од судот во Лос Анџелес во 2008 година, кога таа добиваше психијатриска помош. Вакво старателство се добива кога некоја личност се смета за непогодна за носење важни лични и финансиски одлуки. Секоја промена, мора да биде одобрена од судот. Нови документи покажуваат дека Бритни се обидува да се ослободи од влијанието на татко си и дека „се плаши од него“.
Славната пејачка откри дека не ѝ е дозволено да има повеќе деца и да стапи во брак, дека секоја одлука мора да ја одобри нејзиниот татко, дека тој ги контролира нејзините финансии и дека целото нејзино семејство живее од нејзините пари. Како што тврди таа, нејзиниот менаџмент постојано ѝ се заканувал кога ќе одбиела да вметне одредено движење во настапите на сцената и дека била принудувана да настапува и против нејзината волја.
„Јас не сум нечиј роб, можам да кажам ‘Не’ за одредено движење“ – рече Бритни пред да раскаже за преголемата контрола која ја има татко ѝ Џејмс и за животот под лекарски надзор за време на рехабилитацијата.
„Татко ми ми рече: ‘Извини Бритни, мораш да ги слушаш докторите. Планираат да те пратат во мал дом во Беверли Хилс на програма за рехабилитација. Ќе мора да плаќаш 60.000 долари месечно.’ Плачев цел час на телефон, а тој уживаше во секоја минута. Му се допаѓаше контролата врз неговата ќерка 100%. Медицинските сестри и обезбедувањето живееја со мене. Ме гледаа додека се преслекував секој ден – гола – утро, пладне, вечер. Го гледаа моето тело, немав никаква приватност. Ако не направев нешто, не можев да ги видам децата и момчето“ – рече Бритни, која има два сина со поранешниот сопруг Кевин Федерлајн. Таа го изгуби старателството над синовите во октомври 2007 година.
„Би сакала да продолжам понатаму, да можам да се омажам и да имам бебе. Ми рекоа дека сега не можам да стапам во брак, ниту да имам бебе. Имам интраутерина влошка за да не забременам. Сакам да ми биде извадена за да можам да се обидам да имам уште едно бебе. Но, овој таканаречен тим, не ми дозволува да одам на доктор за ја извадам, бидејќи не сака да имам повеќе деца.“
„Заслужувам да имам живот. Работам цел живот. Заслужувам да имам 2-3 години одмор и да правам што и да посакам. Посакувам да можев да останам со вас на телефон засекогаш, бидејќи кога ќе исклучам, веднаш започнувам да слушам не, не, не... И одеднаш чувствувам дека сум злоупотребена и осамена. Уморна сум од чувството на осаменост. Заслужувам да ги имам истите права како и сите други, да имам дете и семејство“ – рече таа.
Бритни вели дека старателството не ѝ дозволува сама да избира адвокат кој ќе ја застапува и дека ѝ е забрането да зборува за личниот живот во интервјуа за медиумите.
„За мојата разумност, имам потреба судијата да ми дозволи да давам интервјуа секаде каде што може да бидам слушната за она што ми го направија. Всушност, имам право да го користам мојот глас. Мојот адвокат вели дека не смеам, дека тоа не е добро. Не можам да ѝ кажам на јавноста што ми направија, а ако не велам ништо, значи го одобрувам... Имам потреба да го симнам гневот од моето срце и сè што ми се случува“ – објаснува Бритни.
Таа им се извини на фановите затоа што глумела дека има совршен живот додека во реалноста ѝ се случувале сите овие нешта.
„Сакам да ви кажам една мала тајна. Верувам дека, како луѓе, сите сакаме да имаме живот од бајките и според моите објави, мојот живот навидум изгледаше прилично неверојатно. Мислам дека сите ние се стремиме кон тоа... Но, не сакам луѓето да мислат дека мојот живот е совршен, бидејќи ДЕФИНИТИВНО НЕ Е. Ако прочитавте нешто за мене изминатава недела, очигледно сега знаете дека не е! Се извинувам што се преправав како да е сè ОК во изминатите две години... Го правев тоа поради мојата гордост и поради тоа што се срамев да споделам што ми се случува“ – напиша таа на Instagram.
Пред судот, таа изјави:
„Цел свет го лажев дека сум ОК и дека сум среќна. Тоа е лага. Бев во шок. Јас сум трауматизирана. Но, сега ви ја кажувам вистината, ОК? Не сум среќна. Не можам да спијам. Толку сум гневна што е ненормално. Депресивна сум и плачам секој ден.“
„Татко ми и сите инволвирани во ова легално старателство и мојот менаџмент кој имаше голема улога во моето казнување кога ќе речев НЕ, сите треба да бидат во затвор“ – рече Бритни.