Фотографија од старец кој руча во ресторан за брза храна, додека пред него стои стара фотографија од неговата покојна сопруга, стопли милиони срца низ светот, а на многумина им одржа скапоцена лекција за тоа како изгледа вистинската љубов и лојалност.
Трогнатите гости во ресторанот од замислениот старец дознале дека дамата од фотографијата му била сопруга 55 години пред да почине пред пет години. По нејзината смрт, тој насекаде носи нејзина фотографија.
Љубовната приказна на Џон и Хилда Силва започнала на неговиот 17. роденден. Пред почетокот на бејзбол натпревар, топчето кое Силва го промашил паднало пред нозете на Хилда. Тоа било љубов на прв поглед и во истиот момент Џон одлучил дека сака да се ожени за неа. „По само десет минути ѝ кажав дека ќе се оженам со неа, тоа навистина беше љубов на прв поглед. Кога заврши натпреварот, ја побарав на местото каде што седеше, но ја немаше. Ја здогледав на теренот и таа ми испрати бакнеж во воздух. Трчав по неа, но ја изгубив во толпата и во следните десет години не ја видов повторно. Во моето срце таа беше жената за која сакав да се оженам, а немав ни претстава која е таа“ – раскажал 87-годишниот старец во интервју за MailOnline.
Иако во годините што следувале Џон имал многу прилики за љубовни врски, тој единствено сонувал повторно да ја сретне Хилда. Неговата најголема желба еден ден навистина се исполнила. По барање на неговиот татко, тој доставувал вреќи со компири до одредена куќа. „Хилда ми ја отвори вратата и тоа беше како сон. Не сакав да заврши“ – се потсетил Џон.
Заљубен и решен да се ожени со Хилда, Силва веднаш побарал дозвола од татко ѝ за да ја покани на состанок. Како вистински џентлмен, тој го почитувал и нејзиниот принцип да не се бакнува на првиот состанок и не ја бакнал сè до денот на нивната свршувачка.
Всушност, Џон долги години се познавал со таткото на Хилда, бидејќи тој му бил бербер и редовно му раскажувал за девојката за која сонува, без да знае дека таа му е ќерка.
Среќниот брак на Џон и Хилда траел 55 години. Неговото срце се скршило кога Хилда поради удар на главата останала неподвижна. „Ѝ ветив дека никогаш нема да ја одведам во старечки дом, но нејзината состојба се влоши, таа имаше мозочен удар и тумор на стомакот. Во домот беше две и пол години, а јас секој ден таму минував по 21 час. Се враќав дома само за да се искапам и повторно одев, таму и спиев“ – раскажал Силва.
Пред да го напушти овој свет, Хилда ги отворила очите и со последните сили рекла: „Џон, те сакам. Отсекогаш сум те сакала и по милион години ти сè уште ќе бидеш мојот сопруг.“ Откако починала, Џон ја ставил раката на главата на неговата сакана и ѝ ја испеал нивната омилена песна „It’s Got To Be You“ од Френк Синатра.
Иако имаат поминато пет години од смртта на Хилда, Џон сè уште со задоволство се сеќава на нивниот брак. „Нашиот брак беше изграден врз доверба и ние никогаш не се каравме. Имавме дебати за време на вечера, но јас лесно се предавав. Не можам да се сетам некогаш да сум ѝ рекол „не“ – со љубов зборувал Џон и стискајќи ја фотографијата од неа, додал дека секој ден ѝ кажува колку ја сака.
Силва е сигурен дека не постои и никогаш нема да постои друга жена како Хилда. „Можам да го пропатувам светот и никогаш нема да сретнам некој како Хилда. Ако Господ испратил ангел на земјата, тогаш тоа е таа. Најсигурното нешто на светов е смртта, а јас го живеев животот најдобро што можев заради Хилда... Бев најсреќен човек на светот и сè уште сум“ – рекол тој.
Една недела откако првата фотографија од Џон се појави на интернет, друга посетителка на ресторанот го фотографирала на истата маса.