Автомеханичар, кој стана доктор на 51 година, докажува дека никогаш не е доцна да си ги остварите соништата.
Карл Елемби е доктор во итна медицинска служба во Кливленд, но пред да стане медицинско лице поправал автомобили и раководел свој бизнис.
На 38-годишна возраст Карл се запишал на колеџ и се стекнал со бизнис диплома. Учејќи таму, покрај тоа што имал многу бизнис предмети, морал да учи и биологија, нешто што го потсетило на детски сон кој долго време го сонувал – да стане доктор кога ќе порасне.
Тогаш одлучи дека е време за промени.
„Колеџот ми ги отвори очите за светот околу мене и за различните можности кои ги имав. Дипломирав како првенец и одлучив да посетувам курсеви по медицина.“
„Во текот на пет години или повеќе, присуствував на викенд, вечерни или раноутрински часови за медицина додека го одржував мојот бизнис, начинот на живот и домаќинството со цел да направам транзиција на мојата кариера.“
„Моето излегување од бизнисот не смееше да биде нагло. Премногу луѓе сметаа на мене и премногу сметки требаше да бидат платени.“
„Работев многу напорно за да бидам во тек. Мислам дека сите мои обврски ми помогнаа да се фокусирам на она што треба да се направи. Тоа ми помогна да усвојам големо количество информации кои мора да бидат разбрани за успех во медицината“ – рекол инспиративниот маж.
На почетокот Карл воопшто не помислувал дека може да стане доктор, но еден од професорите му укажал дека не само што тоа е возможно, туку и дека тој има потенцијал да стане доктор.
„Мислев дека сум премногу стар и мислев дека тоа не е возможно. Тој ми рече дека интуитивно ги разбирам информациите и дека не гледа зошто не би можел да бидам доктор, дека дефинитивно имам сè што е потребно. Тоа беше неверојатен момент што имаше личност која веруваше во мене, која виде дека сум способен да направам нешто што ни самиот не знаев дека сум способен да го правам. Тоа беше почетокот на медицинската кариера за мене“ – рекол тој.
Карл дипломираше на медицина на 47-годишна возраст, а на 51 година започна да работи како доктор.
„Неверојатно и феноменално е тоа што можев да ја направам оваа транзиција подоцна во животот и да го живеам сонот кој го имав како дете“.
„Ништо од ова немаше да се случи ако не престанев да си поставувам ограничувања на самиот себе. Мораш да веруваш во себе и ќе се изненадиш од она што ќе го постигнеш“ – рекол тој.