Почетна » Кариера » На работното место » Како да си ја зголемите мотивацијата на работното место?

Како да си ја зголемите мотивацијата на работното место?

Лесно е да бидете мотивирани кога за прв пат започнувате нова работа. Тогаш возбудата е голема, а секоја нова задача ви е предизвик кој сакате да го совладате за да одите напред. Но, со текот на времето, често се случува работата да стане досадна и монотона, па да ја изгубите својата мотивација, а тоа води до намалување на продуктивноста. Мотивираноста треба да ви биде приоритет, затоа што само така ќе останете на вистинскиот пат кон успехот.

Бизнис женаЗа да напредувате во вашата кариера, потребно е да најдете начин да се самомотивирате

Мотивацијата треба да ви доаѓа однатре. Се разбира, може да ве инспирираат и постигнувањата на другите или парите што ги заработувате, но за да стигнете далеку во животот потребно е да бидете силно решени да ги постигнете своите цели.

Бидејќи во нашата држава ретко се случува фирмите да водат грижа за мотивираноста на вработените, потребно е вие да најдете начин да се самомотивирате. Следниве совети ќе ви помогнат да ја зголемите вашата мотивација, а со тоа и да бидете позадоволни од она што го работите:

  1. Дефинирајте ги своите цели. Најчесто луѓето се демотивираат поради тоа што немаат цели, т.е. не знаат што точно сакаат да постигнат во својот живот на професионален план. Задолжително треба да имате цели кои сакате да ги остварите, затоа што ако ги немате, може да останете да тапкате во едно исто место цел живот. Доколку сметате дека вашите цели се преамбициозни, поставете си мали подцели. Успехот раѓа успех. Секое остварување на малите подцели ќе ви биде мотивација да се движите кон крајната цел.
  2. Очекувајте дека нема сè да оди како подмачкано. Ретко се случува работите да се одвиваат онака како што посакувате и ако не сте подготвени да се соочите со проблемите и пречките, тогаш вашата мотивација значително ќе опадне. Бидете реални и разберете дека нештата ретко се случуваат според планираното. Малите проблеми на патот кон успехот треба да ги сфатите како предизвик кој можете да го совладате.
  3. Размислете за причините поради коишто работите. За да ја зачувате мотивацијата на работното место, не е лоша идеја да имате список со причини поради коишто работите. Доколку една од тие причини се парите, тогаш размислувајте за нештата кои ќе можете да си ги купите со добиената плата. Друга причина може да биде тоа што сегашната работа би ви помогнала да стигнете до нова работа која повеќе ја сакате. Издржувањето на семејството може да биде уште една од причините. За да се потсетувате редовно зошто сте на работното место и зошто треба да останете мотивирани, ставете на вашето биро рамка со слика од вашето семејство. Секогаш кога ќе бидете демотивирани, само погледнете во неа и ќе имате доволна причина да си ја вратите амбициозноста.
  4. Создајте си пријатна работна атмосфера. Ако вашето биро е пренатрупано, тоа само ќе ви создава нервоза и напнатост, особено ако на него стојат стотици документи кои треба да ги прелистате. Тргнете ги настрана во некоја фиока и вадете ги еден по еден. Така нема да ви се создава тензија и фрустрација. Доколку долго време поминувате во седечка положба, осигурете се дека столот е правилно наместен и дека седите исправени. Не дозволувајте престојот на работа да го измачува вашето тело. Ако ви биде комфорно, ќе се зголеми и вашата продуктивност и вашата мотивација.
  5. Направете си визуелен потсетник. На голем лист хартија напишете ги сите должности кои треба да ги извршите во одреден период. Потоа редовно ажурирајте го списокот, така што ќе ги означувате сите задачи кои веќе сте ги завршиле, задачите на коишто во моментов работите и задачите кои чекаат на ред за да ги започнете. Наместо лист хартија, можете да искористете некоја компјутерска програма, но многу е подобро кога списокот ќе го чувате веднаш пред вашите очи. Тоа ќе ви помогне да увидите дека напредувате и дека полека, полека задачите се намалуваат.
  6. Поставете си крајни рокови. Дури и да немате вистински рокови одредени од вашите претпоставени, вие поставете си крајни рокови за завршување на вашите задачи. Така ќе бидете под поголем притисок и ќе бидете помотивирани да си ја завршите работата навреме, а понекогаш дури и предвреме. Доколку работите на поголеми проекти, можете да ги известите и вашите најблиски за роковите кои сте си ги поставиле, за да го зголемите притисокот.
  7. Поставете си граници. Поставете си свои строги ограничувања кога станува збор за работата. Точно одредете кога ќе пристигнувате, а кога ќе заминувате од работа и најдете си време за неколку мали паузи додека сте на работното место. Дефинирајте што е ваша одговорност, а што не. Не можете секогаш да им помагате на колегите. Оставете ги сами да се справуваат со своите обврски..
  8. Дружете се со мотивирани луѓе. Избегнувајте го колегата кој постојано се жали дека не му се работи и дека не ја сака својата работа. Бидете во друштво на колеги кои работат со страст и кои имаат позитивен став. Нивната мотивираност нека ви даде инспирација.
  9. Наградувајте го својот успех. Без разлика дали ќе добиете бонус за добро завршената работа или не, кога ќе постигнете нешто на професионален план, прославете. Секогаш кога ќе завршите нешто големо или кога ќе имате успешен проект, почестете се во ексклузивен ресторан, купете си ново парче облека, нова книга или посетете козметичко студио за да уживате во некој третман за разубавување.
  10. Бидете желни да научите повеќе. За да ја одржите вашата мотивација на високо ниво, бидете желни да научите нешто ново и да си ги подобрите вашите способности. Посетувајте курсеви за подобрувате на комуникациските способности. Постојано читајте стручна литература од вашата област. Читајте книги за личности кои успеале во животот – нивната биографија може да ви послужи како пример. Кога знаете дека станувате подобри, ќе се зголеми и вашата амбициозност, а со тоа и вашата мотивација.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 21056 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.