Почетна » Кариера » На работното место » „Душкала“ во канцеларијата: Како да се справите со љубопитните колеги?

„Душкала“ во канцеларијата: Како да се справите со љубопитните колеги?

Бројните часови минати на работното место неминовно овозможуваат зближување со колегите. Сепак, не секој колега е скроен да биде ваш најдобар пријател.

Здравите колегијални односи на работното место се базирани на учтивост, заемна почит и придржување кон пишани и непишани правила за однесување. За жал, голем дел од луѓето се навикнати да ги надминуваат границите на туѓата приватност, па се желни да ѕирнат и во вашиот приватен живот.

Мотивацијата на ваквите љубопитни душкала може да биде различна, а последиците непријатни.

Најчесто се жедни за информации и не можат (или се преправаат дека не можат) да сфатат зошто не сакате да ги отворите завесите на вашата приватност и да споделите што ви се случува надвор од работното место и подалеку од канцелариското биро.

Колешки

Како да ги препознаете душкалата на работа?

Несигурни

Голем дел од луѓето се соочуваат со комплекс на пониска вредност и се во костец со сопствените несигурности. Токму затоа сметаат дека е потребно да имаат повеќе информации за луѓето кои ги опкружуваат, со цел да се почувствуваат побезбедно, а понекогаш дури и супериорно. Честопати наоѓаат утеха и задоволство во туѓата неволја.

Наметливи

Некои навистина не ја знаат разликата помеѓу пријателски интерес и наметливо внесување во туѓи приватни работи. Овие луѓе се одликуваат со сиромашни социјални вештини, а ваквиот дрзок љубопитен пристап им е единствениот начин да стапат во контакт со колегите надвор од рамките на професионалниот однос.

Опортунисти

Најчесто имаат специјална скриена агенда: безмилосно душкаат во вашиот приватен живот со надеж дека ќе извлечат информации и пикантерии, кои подоцна вешто ќе ги искористат против вас, на пример во моментот кога двајцата ќе бидете соочени со можност за унапредување.

Љубоморни

Тие можеби ви завидуваат за вашите работни успеси, но последниот одмор, новиот автомобил, вашата облека или хармоничната љубовна врска се причина плус за нивниот дополнителен интерес кон вас. Љубоморните уживаат да се хранат со информации за приватниот живот на колегите, кои подоцна им служат за споредба.

Озборувачи

Озборувачите обично одат рака под рака со љубоморните. Еден од најслатките колегијални гревови неретко е поттикнат од вистинити приказни и детали од животот на колегите, кои луѓето сакаат да ги прераскажуваат на работното место, па дури и да ги фабрикуваат со свои додатоци. За да има озборување, потребни се детали.

Осамени

Некои навистина немаат широк круг на пријатели, па сметаат дека колегите од работното место им се најблиску до личности за дружба на кои можат да им исповедаат лични тајни и доверливи информации за себе. Но, најчесто истото го бараат за возврат, што секако резултира со наметливо љубопитно интересирање и инсистирање да се биде гостин во туѓата приватност.

Како да се справите со љубопитните душкала?

Доколку работната атмосфера ви ја влошува упорен љубопитен колега, спречете го неговото „душкање“ во вашата приватност со помош на следниве совети:

1. Одржувајте пристојна оддалеченост

Едноставно дистанцирајте се од душкалата на работното место, колку и да изгледа тоа како невозможна мисија. Ограничете го разговорот на површни теми и куси одговори, не навлегувајќи во никакви детали поврзани со вашата приватност. Можеби најсигурно е темата на разговор најчесто да биде токму работата или пак разговарајте на неутрални теми кои немаат скоро никакви допирни точки со вашите животи.

2. Не го разгорувајте нивното љубопитство

Ограничете ги информациите за личниот живот кои ги споделувате. Доколку ве очекува семејна веселба, за почеток одлучете се кој од вашите колеги планирате да го поканите како ваш гостин. Што се однесува до останатите, не ги поттикнувајте со половични информации кои само ќе им ја разгорат жедта за дополнителни детали.

Не си правите себеси услуга доколку работното утро го започнете со реченицата „Леле, да знаете што ми се случи вчера...“, а потоа си го прекасате јазикот. Бидете внимателни, бидејќи вие сте оние кои диктираат што и колку од вашиот живот ќе споделите со колегите.

3. Културно одбијте ги

Дел од љубопитните душкала ќе се обидат да ви се доближат не само за време на работните часови, туку и преку различни пријателски покани за пиење кафе или излегување.

Меѓусебната дружба претставува најлесен начин за доближување до некого и црпење информации од неговиот приватен живот.

Културно одбијте ги со изговор дека немате време, се брзате, не се чувствувате баш најдобро или веќе имате други планови. Доколку ви пристапат со понуда за помош околу некоја работна задача, а чувствувате дека тоа е поттикнато исклучиво од љубопитство кон вас, едноставно возвратете: „Ќе те побарам доколку имам потреба“. На тој начин ќе им ставите до знаење дека не сте расположени за детално сецирање на вашата приватност.

4. Игнорирајте ги

Некои луѓе навистина не знаат да читаат помеѓу редови или упорно се преправаат дека не ги забележуваат знаците кои им ги испраќате. Едноставно преправајте се дека не ги слушате прашањата поврзани со вашиот викенд. Задлабочете се во работата и не го губете фокусот. Надежно е дека наскоро интересот ќе им спласне откако целосно ќе ги игнорирате нивните прашања, без да понудите каков било одговор.

5. Храбро соочете се

Упорните душкала ќе продолжат да се врткаат околу вашата приватност со дрски прашања, а вие бидете подготвени да понудите лукави и безмилосни одговори доколку сакате побрзо да го решите проблемот.

Така на прашањето „Колкава е твојата плата?“ можете да одговорите лесно и со насмевка: „Заработувам сосема доволно, благодарам“. Доколку прашањето е насочено кон цената на облеката која ја носите, одговорете неодредено: „Навистина не се сеќавам колку го платив фустанот“.

Добро извежбајте ја стратегијата која вклучува пренасочување на разговорот.

Ако душкалото се заинтересира „За што зборувавте со колегата или претпоставениот?“, вие понудете едноставен одговор зачинет со ефективна стратегија: „Ништо посебно, а како си поминавте вие на одмор?“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20776 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.