Намалената самодоверба, стравот од неуспех и јавно исмејување се веројатно главните причини поради кои не можете успешно да реализирате презентација на факултет или на работното место, или пак да зборувате неформално и слободно во кругот на вашите пријатели.
За некои јавното говорење претставува предизвик и вистинско уживање, миг во кој може да се истакнат себеси и да блеснат со своите ораторски вештини, додека за други тоа е вистински кошмар придружен со страв од неуспех или исмејување.
Дури и да немате реална потреба од водење презентација или зборување во јавност, запаметете дека постојат многу различни ситуации низ секојдневието, каде што можете да бидете забележани токму со помош на овие квалитети, кои ќе ѝ помогнат на вашата кариера и позитивно ќе влијаат врз зголемувањето на самодовербата.
Зборувањето во јавност може да биде навистина непријатно искуство и да резултира со вцрвенување на ликот, пелтечење, сушење на устата, збунетост, потење на дланките и телото.
Наместо говорењето пред поголема публика да ви остане немил спомен, со помош на следниве неколку совети ќе можете да го надминете стравот, да ги подобрите вашите вештини за комуникација и да го претворите чинот во успех достоен за почит и аплауз од страна на слушателите.
Визуелизирајте и релаксирајте се
За почеток, не ги внесувајте умот и телото во состојба на паника. Дополнителната нервоза или огромната вознемиреност кои може да ги почувствувате уште пред вашето појавување, лесно може да резултираат со паничен напад, па „настапот“ може да заврши неславно, уште пред да започне.
Визуелизирајте јасна цел – успешна дебата, презентација или говор. Избришете ги сите негативни мисли.
Поистоветете го стравот со мала, корисна трема или адреналин за што поискрен и поуспешен настап и не заборавајте дека е сосем нормално да сте нервозни и дека тоа им се случува на сите луѓе соочени со ваков предизвик.
Внимавајте да бидете доволно наспани и свежи, бидејќи не постојат препарати кои целосно ќе го избришат уморот и недостатокот на сон од вашето лице.
Релаксирајте се со топла купка, прошетка, чај или мала ужина која изобилува со витамини и ќе ви даде енергија и чувство на смиреност за време на зборувањето.
Добро подгответе се и вежбајте
Детално осмислете го и прегледајте го материјалот кој ви е наменет за презентација. Неколкупати прочитајте го во себе и неколкупати наглас. Внимавајте на интонацијата во текот на читањето. Размислете дали има потреба од внесување одредени гестикулации со рацете.
Запаметете дека неретко очите зборуваат и обрнете внимание на промените кои се случуваат на вашето лице. Токму затоа, пожелно е читањето и вежбањето на текстот, како и гестикулациите и промената на фацијалните експресии да ги правите пред огледало.
Доколку имате можност – снимајте се. Со прегледување на снимката ќе видите каде најмногу грешите и како најлесно да ја поправите грешката.
Одберете ја вашата пробна „тест-публика“. Замолете неколку членови од семејството или пак пријатели да бидат првите кои ќе имаат можност да ја слушнат вашата презентација. Така полесно и побрзо ќе го надминете стравот и непријатноста. Можете да им дадете картички на кои анонимно ќе ги напишат своите коментари, а вам ќе ви послужат како патокази за што поуспешен настап и презентација.
Усовршувањето на јавното зборување значи вежбање и подготовка.
Одберете соодветна облека
Клучот за успешно јавно говорење честопати не подразбира само добри ораторски вештини, туку и беспрекорен надворешен изглед.
Нека вашата облека рефлектира самодоверба и сигурност во себе. Одберете комбинација која според приликата ќе биде лежерна или формална, но внимавајте истата да ви прилега одлично и пред сè да ви биде удобно во неа. Тешко ќе ви биде да се концентрирате на говорот ако истовремено размислувате дали новото здолниште или кошулата ви се премногу тесни.
Кога тргнувате со сознанието дека сте вложиле во себе, пријатно ви е во облеката која ја носите и изгледате беспрекорно, бидете сигурни дека така и ќе се чувствувате, а тоа може само дополнително да ви помогне и позитивно да се одрази на вашиот настап.
Пристигнете порано
Брзањето ја зголемува вознемиреноста. Пристигнете во салата порано за да имате доволно време да се опуштите и да го разгледате местото на кое треба да го одржите говорот.
Доколку имате можност, поразговарајте накратко со неколку лица кои ќе бидат дел од публиката.
Не брзајте
Обрнете внимание на дишењето. Дишете длабоко и бавно и обидете се да го избистрите умот.
Публиката вообичаено не сака кога говорникот брза. А кој брза – тој и греши. Нека ова ви биде правило бр. 1 по кое ќе се водите во текот на презентацијата.
Не плашете се од тишината, таа е полезна и корисна, ниту пак од паузите. Не ги бројте секундите од паузата и не паничете доколку ви е потребно малку подолго време за да си ги подредите мислите. На публиката нема да ѝ пречи пауза од 10-15 секунди ако вашиот говор е аргументиран и интересен.
Изговарајте јасни и гласни реченици и внимавајте интонацијата и гестикулациите да ви бидат употребени на вистинското место за што поприроден и поуспешен настап.
Фокусирајте се на публиката
Публиката не е вашиот непријател. Сметајте ја за ваша поддршка и обидете се да ја свртите ситуацијата во своја корист. Едноставно обидете се да ги маѓепсате слушателите со вашите адути, без разлика дали станува збор за вашата срамежливост или шарм.
Фокусирајте се и насочете го вниманието на ликови, наместо на слепи точки или делови од мебелот. Изберете неколку лица кои покажуваат заинтересираност и наизменично зборувајте им, гледајќи ги во очите. Во никој случај не се концентрирајте на лицата кои покажуваат индиферентност, тоа само ќе ве расејува.
Еднонасочната презентација честопати може да биде доживеана како здодевна и неинспиративна, па обидете се да ја анимирате публиката со куси прашања кои бараат одобрување или негација.
Во овие моменти може да ја почувствувате и моќта на импровизацијата, но не плашете се; тоа е знак дека сте се опуштиле и станувате сè подобри.
Грешки се случуваат, продолжете смирено
Не очекувајте совршенство, бидејќи никој не е безгрешен. Дури и на најуспешните оратори им се случуваат грешки и лапсуси. Не отстапувајте им простор на паниката и стравот, надминете ја ситуацијата со искрена насмевка и куса пауза. Вдишете длабоко и продолжете смирено додека не стигнете до крајот.
Запишете ги позитивните страни и пропустите од говорот
По завршувањето на презентацијата, седнете и напишете ги позитивните и негативните аспекти од ова искуство. Доколку почувствувавте среќа и задоволство поради успешниот настап, како и зголемување на самодовербата, запишете ги во плус (+) колоната. Оценете ги пропустите кои ги направивте и впишете ги во друга колона.
Ова ќе ви помогне во иднина да ги поправите недостатоците и да се усовршите што е можно повеќе. Прифатете го фактот дека сите прават грешки и доблесно е да си ги признаете и да се соочите со истите, со цел поскоро да ги елиминирате.
Достојно примајте критики и сугестии, но и пофалби
Не бидете суетни, слушајте ги советите и критиките кои имаат цел да ве насочат кон поуспешно зборување во јавност. Не сфаќајте ги критиките трагично. Прифатете ги како предизвик кој треба да го надминете во иднина.
Истовремено, научете се достојно да примате и пофалби и аплаузи, наместо да ги дочекате со наведната глава, чувство на срам или непријатност.
Успехот е само ваш, сте го заслужиле и уживајте во него без грижа на совест.
Почестете се за успехот
Секое добро завршено дело, заслужува и мала награда. Ново парче облека, нова книга или посета на козметички салон може да ве исполнат со среќа и задоволство и да претставуваат симбол за вашиот успех.
Нека ваквите мали прослави ве мотивираат за уште поуспешни идни дискусии, дебати и презентации.