Почетна » Кариера » Барање работа » Интервју за работа – од А до Ш

Интервју за работа – од А до Ш

Што претставува интервјуто?

Идејата на интервјуто е вие да се најдете лице во лице со потенцијалниот работодавец. Тој ќе ви зададе серија од прашања, ќе ви даде можност да се „продадете“ преку одговорите на тие прашања и на крајот ќе ви остави простор и вие да поставите свои прашања.

Што се очекува од вас?

На интервјуто ќе ви бидат поставени прашања поврзани со позицијата и компанијата за која кандидирате. Преку нив личноста која ве интервјуира сака да провери дали сте си ја завршиле домашната работа т.е. дали сте направиле истражување за компанијата, за сферата во која функционира и задачите кои се очекува да ги исполнувате.

Второ, може да ви постават конкретни прашања за тоа како би се справиле во одредена ситуација. И трето, од вас се очекува да поставите некои прашања, за да го покажете вашиот интерес кон компанијата и кон работното место за кое кандидирате.

Кои се типичните етапи на интервјуто?

Првата етапа на интервјуто е т.н. кршење на мразот. Вие ќе влезете, ќе сретнете некој на рецепција и ќе ве однесат кај лицето кое ќе го спроведува интервјуто. Кога ќе се сретнете со него, тој ќе ви постави лесни прашања за тоа како сте, како патувавте до компанијата и сл., за да ви даде можност да се опуштите.

Потоа целиот процес на интервјуто станува поформален. Ако интервјуерот е поискусен, тој може да ви ги посочи етапите на интервјуто, за да знаете што да очекувате и да не бидете толку напрегнати. Најчесто последната етапа на интервјуто ги вклучува вашите прашања.

Каква облека да изберете?

Најголем дел од времето пред интервју, луѓето го поминуваат со мислата што да облечат. И со право го прават тоа, затоа што првиот впечаток е многу важен.

Облеката која ќе ја изберете зависи од компанијата за која ќе кандидирате. Ако тоа е голема формална компанија како банка, ќе треба да изберете поофицијална облека, а ако кандидирате за помала компанија или во ИТ секторот може да изберете посекојдневна облека.

Не е лоша идеја, кога ќе ви се јават да ве поканат за интервју, да прашате каков е дрес кодот на компанијата.

Кога да пристигнете?

Вообичаено луѓето се превозбудени кога одат на интервју и пристигнуваат многу порано за да остават добар впечаток. Но, не треба да го правите тоа. Треба да отидете на местото каде ќе биде интервјуто максимум 10 минути порано.

Друго правило кое треба да го почитувате е никогаш да не доцните. Проучете каде се наоѓа компанијата и правилно проценете колку време ќе ви одземе да стигнете до таму.

Како да се однесувате?

Многу луѓе би ве посоветувале да не бидете премногу сериозни, но не е убаво и да внесувате премногу хумор во разговорот. Сепак, тоа е интервју за работа и вие треба да се претставите како професионалец.

Другата крајност која треба да ја избегнете е да не бидете арогантни. Не бидете премногу самоуверени и не се правете паметни. Имајте почит спрема оној кој го прави интервјуто.

Кој е најдобриот начин да се „продадете“?

Најдобриот начин да се истакнете на интервју и да покажете дека сте соодветна личност за позицијата за која кандидирате е да направите свое мало истражување. Ако компанијата има своја веб страница, посетете ја или побарајте статии за компанијата. Доколку имате добри познавања за компанијата, ќе го импресионирате вашиот потенцијален работодавач.

Дознајте кој ќе го спроведува интервјуто и запомнете го неговото име. Бидете подготвени да одговорите на најчестите типични прашања за интервју. На крајот, поставете прашања со кои ќе го изразите вашиот ентузијазам.

Какви прашања ве очекуваат?

Освен стандардните прашања, како прашањата за вашето образование или работно искуство, не бидете изненадени ако ви бидат поставени прашања, на кои треба да посочите како сте се справиле со дадена ситуација во минатото, поврзана со работното место за кое кандидирате. На пример, како сте мотивирале тврдоглав вработен или како на претходното работно место сте се слогласувале со колегите за тимска работа.

Може да бидете ставени да играте улога, т.е. да бидете поставени во дадена ситуација (во оддел клиенти) и да треба да покажете колку добро ќе се справите со некој проблем (лут купувач). Ќе ви бидат поставени незгодни прашања и вие треба спокојно да најдете соодветен одговор.

Многу често едно прашање води до друго кое е подлабоко. Затоа бидете подготвени.

Што можете да прашате вие?

Вашиот потенцијален работодавец ќе очекува од вас да му зададете многу прашања. Тие прашања треба да бидат поврзани со позицијата за која кандидирате, компанијата или сферата во која функционира.

Не се плашете да прашате како би изгледал еден ваш работен ден. Тоа прашање ќе го покаже вашиот интерес.

Што не треба да прашувате?

Некои од прашањата кои не треба да ги поставувате се: „Колку платени болнични денови ми следуваат?“, „Дали секој ден треба да доаѓам во 9 часот?“, „До колку часот треба да работам во петок?“ итн.

Сосема ќе погрешите ако поставите прашања од овој тип. Вашиот потенцијален работодавач треба да почувствува дека може да има доверба во вас.

Дали треба да си запишувате белешки?

Многу често за време на интервјуто немате можност да си запишувате забелешки, но ако сакате да запишувате прашајте дали е во ред да го правите тоа. Интервјуерот најверојатно ќе ви дозволи.

Откако ќе излезете од интервјуто, запиштете сè што ви доаѓа на памет, а мислите дека би било корисно.

Колку време трае едно интервју?

Колку време ќе трае едно интервју зависи од позицијата за која кандидирате и компанијата. Најчесто интервјуто трае од 30 минути до еден час, за да може подобро да ве запознаат како личност.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.