Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Јавни места на кои тајно царуваат бактерии

Јавни места на кои тајно царуваат бактерии

Иако не можеме да ги видиме со голо око, бактериите се насекаде околу нас и сме постојано во контакт со нив. Доволно е да го допрете телефонот на работа, количката во супермаркетот или кваката на вратата на јавен тоалет за да се пренесат бактериите на вашите раце. А ако потоа го допрете вашиот нос, пред да успеете да трепнете, бактериите ќе се населат во него.

Добрата вест е што нашето тело успешно се бори против бактериите кои секојдневно доаѓаат до нас, па многу мал процент од нив можат да му наштетат на човек кој е здрав и кој има добар имунитет.

Сепак, на прашањето дали треба да бидете загрижени за бактериите на јавни места, одговорот е „да“. Колку и да се грижите за хигиената, секогаш има луѓе кои ја занемаруваат, па добро е да знаете кои места и предмети треба да избегнувате да ги допирате, но и да ги преземете соодветните мерки кога ќе дојдете во контакт со нив.

Бактерии и вирусиБактериите и вирусите се насекаде околу нас

Знаете дека шолјата во јавните тоалети е полна со бактерии, знаете дека на седиштата во автобусите виреат бактерии и вируси, знаете дека чекалните во болниците се преполни со бактерии и вируси, но има места кои сигурно не ви паднало на ум дека се извор на бактерии, а од кои треба да се пазите. Еве дел од нив:

  • Количките во супермаркетите. На рачките на количките во супермаркетите може да се најде плунка, како и фекални и разни други бактерии. Во рамките на едно истражување во САД, на повеќе од две третини од количките биле пронајдени фекални бактерии. Сигурно не би сакале со рацете со кои сте ја туркале количката да си го избирате овошјето и зеленчукот.

    Совет: Носете си влажни марамчиња кои содржат алкохол и избришете ја рачката. Многу е важно ова да го правите во сезоната на грип и настинка, затоа што вирусите можат да живеат до 18 часа на површината на различните предмети. Голем дел од супермаркетите во САД нудат влажни марамчиња блиску до количките, токму поради овој проблем.

  • Менијата во рестораните. Кога ќе седнете на маса, можеби ќе погледнете дали приборот за јадење дали е чист, но она што не можете да го видите може да биде поопасно. Приборот и чиниите редовно се мијат, чаршафите од време на време се менуваат, но единственото нешто што е на вашата маса и кое никогаш не е исчистено е менито. Менијата во рестораните ги допираат стотици или илјадници луѓе и не можете да очекувате дека сите тие претходно си ги измиле рацете. Па, менито можете да го сметате како расадник на бактерии.

    Совет: Мијте си ги рацете откако ќе си го порачате јадењето и не дозволувајте директен контакт на менито со вашата чинија или прибор за јадење.

  • Сетовите за зачини, сосови и други додатоци во рестораните. Ретки се рестораните кои држат беспрекорна хигиена и каде редовно се мијат сетовите за сол, пипер и други зачини. Исто така, и местата за брза храна многу ретко ги мијат тубите за кечап и мајонез. Од друга страна, колку и да звучи шокантно, голем дел од луѓето не си ги мијат рацете пред да седнат да јадат, повеќето со изговорот: „Нема да јадам со раце, па не мора да се мијам“.

    Совет: Имајте при рака влажно марамче и со него фаќајте го соларничето или тубата со кечап. Можеби некој ќе се обиде да се пошегува со таквата ваша постапка, но вашето здравје е најважно.

  • Банкоматите. Користењето на банкомат ќе ви донесе не само брзи пари, туку и многу бактерии. Тастатурите на банкоматите ретко или воопшто не се чистат, а се користат многу често, па можете да си замислите колку нечисти раце ги допреле копчињата пред вас. Пред еден месец беше спроведено најновото истражување во оваа област, кое уште еднаш потврди дека банкоматите се погнасни дури и од јавните тоалети.

    Совет: По користењето на банкомат, избришете си ги рацете со влажно антибактериско марамче. Се разбира, сторете го тоа откако ќе ги приберете парите, затоа што и тие носат со себе многу бактерии.

  • Кваките на вратите и сапуните во јавните тоалети. Скоро и да не постои жена која би се осмелила да седне директно на шолјата во тоалетите во кафулињата, рестораните или во кое и да било друго WC од јавен карактер. Сите се обидуваат колку што е можно подобро да се заштитат од шолјите, но многу мал дел од жените обрнуваат внимание на нештата што ги допираат по користењето на шолјата. Кваките на вратите, како и пумпите и дозерите за течен сапун се страшен извор на бактерии. Дури и да сте си ги измиле темелно рацете, ако на излегување ја допрете кваката, ќе излезете од тоалетот со бактерии на себе.

    Совет: Мијте ги рацете темелно 15-20 секунди, по можност со топла вода. Откако ќе завршите, земете хартија за бришење раце или тоалетна хартија и со нејзина помош затворете ја чешмата. Во идеален случај, чешмата ќе биде со сензор, па ќе можете да го избегнете овој чекор. Вратата од тоалетот повторно отворете ја со помош на хартија.

  • Копчињата за лифтот и прекинувачите за светло. На копчињата за лифтот и на прекинувачите за светло во зградите има илјадници бактерии.

    Совет: Избегнувајте да ги притискате директно. Ако имате марамче во вас, избришете се веднаш откако ќе стапите во контакт со нив. Доколку немате марамчиња, измијте ги рацете при првата можност. Доволно е само да сте свесни дека копчињата се нешто многу нечисто за да посакате да се измиете веднаш.

  • Парчињата лимон во пијалоците. Можеби овој податок ќе ве изненади, но парчињата лимон кои во кафулињата и рестораните се ставаат во чашите додаваат многу бактерии во вашиот пијалок. Според истражување направено во 2007 година, 70% од испитаните парчиња лимон содржеле 25 различни микроорганизми, меѓу кои и ешерихија коли и фекални бактерии. Кога ќе размислите подобро, не е тешко да заклучите дека се ретки шанкерите кои темелно би ги измиле лимоните пред да ги стават во вашиот пијалок.

    Совет: Кога си нарачувате газирана вода, сок или коктел во кој се става лимон, напомнете му на келнерот дека не сакате во пијалокот да има парче лимон.

  • Компјутерските тастатури и телефонските слушалки. Ако на работа делите иста компјутерска тастатура или телефон со други луѓе, тешко е да останете недопрени од бактериите кои виреат врз нив. Доволно е вашиот колега еднаш да кивне или да се искашла над тастатурата за на неа да се налепат стотици бактерии. Истото важи и за тастатурите во библиотеките, интернет клубовите и училиштата.

    Совет: Невозможно е да ги чистите компјутерските тастатури или телефонските слушалки пред секоја употреба. Затоа, најдобро е да бидете свесни кога употребувате „јавна“ тастатура и да не ги доближувате рацете до устата или носот. Мијте ги рацете веднаш откако ќе престанете да ја користите тастатурата. Телефонската слушалка од „јавен“ телефон држете ја подалеку од лицето и од устата, особено во сезоната на настинка и грип.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.