Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Храна за здрави заби и блескава насмевка

Храна за здрави заби и блескава насмевка

Кој не посакува здрави и бели заби како бисери? Блескавата насмевка инстантно привлекува и е сигнал за добро орално здравје.

Редовните посети на стоматолог и миењето на забите се од суштинско значење за здравјето на забите, но и консумираната храна има голема улога во одржувањето на денталната хигиена. Додека некои видови храна ги уништуваат забите или им оставаат дамки, други ги чистат забите, ги убиваат бактериите во усната шуплина и штитат од кариес.

Еве кои продукти од кујната се најдобри пријатели на вашата насмевка:

Млеко, јогурт, сирење и кашкавалЦелерСусамРиба и ленено семеКромидМорков и сладок компирЗелен чајТемно чоколадо (какао)

Млеко, јогурт, сирење и кашкавал

Млечните продукти се одлична храна за коските и забите. Млекото и јогуртот се богати со калциум и фосфор, минерали кои го спречуваат процесот на деминерализација (разградување на забната глеѓ). Јогуртот го намалува и присуството на лоши бактерии во устата.

Сакате да ги заштитите забите од кариес? Изедете парче кашкавал по оброкот. Кашкавалот ја штити глеѓта на забите и ја стабилизира вредноста на pH во устата. Додека јадете кашкавал, во устата се лачи повеќе плунка која ги мие бактериите коишто предизвикуваат кариес и болести на непцата.

Совет: Секогаш кога пиете вино или пиво, мезете кашкавал, за да ги неутрализирате киселините кои му штетат на надворешниот заштитен слој на забите.

Целер

Целерот е зеленчук кој најдобро ги активира вилицата и забите. Иако долгото џвакање може да ве изнервира, тоа е полезна активност, затоа што ја засилува секрецијата на плунка во усната празнина. Зголеменото количество плунка ги неутрализира киселините кои имаат ерозивно дејство.

Како награда за макотрпното џвакање, добивате и масажа на непцата и чистење на тесниот простор помеѓу забите.

Сусам

Ако сусамот редовно ја украсува вашата трпеза, насмевнете се. Ова семе не само што им дава на јадењата прекрасен вкус, туку и ги штити забите.

Сусамот ги намалува наслагите на забите и помага за реминерализација на забната глеѓ. Вкусното семе е богато со калциум, кој ги зацврстува забите и коската на вилицата.

Контролираните научни истражувања покажуваат дека промивањето на устата со сусамово масло помага за намалување на забните наслаги и редуцирање на бактериите кои го уништуваат здравјето на непцата.

Риба и ленено семе

Огромна закана за здравите заби се болестите на непцата. Добрата вест е што храната богата со омега-3 масни киселини, како што е рибата и лененото семе, помага при заштитата од воспаленија и болести на непцата.

Рибата е добар извор и на витамин Д, кој е клучен за оралното здравје, затоа што му овозможува на телото полесно да го апсорбира калциумот.

Кромид

Можеби не ви се допаѓа вкусот и мирисот на кромидот, но тој е моќно оружје против штетните бактерии во устата.

Овој зеленчук кој предизвикува солзење на очите содржи силни антибактериски супстанции, кои ги штитат и забите и непцата. Кромидот има најсилен ефект кога се консумира неготвен.

Морков и сладок компир

Портокаловите зеленчуци како морковот и слатките компири се богати со бета каротен (витамин А), кој помага за формирање на здрави коски, заби и непца.

Грицкањето моркови дополнително го стимулира лачењето плунка, што е одличен начин за измивање на бактериите и киселините.

Зелен чај

Доволно е да пиете една шолја зелен чај дневно за да ги заштитите забите и да си обезбедите свеж здив.

Богат со антиоксиданси, овој топол пијалак е силно препорачан од стоматолозите. Високата концентрација на полифеноли, го прави зелениот чај ефективен „убиец“ на бактериите кои предизвикуваат болести на непцата, кариес и лош здив. Препорачливо е зелениот чај да се пие незасладен.

Единствената негативна страна на зелениот чај е што придонесува за површинско обојување на забите.

Темно чоколадо (какао)

Како мали нè учеа дека чоколадото е штетно за забите. И тоа не е далеку од вистината, но само кога се зборува за обичните млечни чоколада кои изобилуваат со шеќери.

Од друга страна, темното чоколадо кое содржи 70% какао го подобрува здравјето на забите, затоа што какаото содржи супстанции коишто ја намалуваат инфламацијата и штитат од ерозија и кариес.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19468 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.