Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 6 секојдневни навики кои ви предизвикуваат болка во грбот

6 секојдневни навики кои ви предизвикуваат болка во грбот

Појавата на болки во грбот е една од најчестите поплаки на возрасните луѓе. Причините може да бидат различни и врз некои од нив не можете да влијаете. Но, постојат неколку секојдневни навики кои предизвикуваат болки во грбот, а за кои може да преземете нешто.

Убава исправена женаПравилното држење на телото е особено важно за да ја избегнете болката во грбот

Предолго седење

Денешниот начин на живот врзува многу луѓе за столица. Дали тоа се случува поради работата, поради задоволството од користење на компјутер или поради мрзеливост, не е важно. Седењето е голем непријател на грбот, затоа што создава за 40% поголем притисок врз грбниот столб, во споредба со стоењето. Плус тоа, ретки се оние кои внимаваат да седат во правилна положба.

Како да си помогнете?
На секој половина час седење правете пауза од 1 до 2 минути. Станете и истегнете се. Прошетајте околу собата и потоа вратете се на столот. Додека седите, внимавајте главата да ви биде исправена (ушите да ви се во иста линија со рамената), а не наведната нанапред како што прават многумина.

Обожавате високи потпетици или рамни чевли

Ако сте обожавателка на високите потпетици, најверојатно ќе страдате од болки во грбот. Високите потпетици предизвикуваат свиткување на грбот и ги натоваруваат грбните мускули. Уште повеќе ќе ја влошите состојбата ако носите сандали. Кога носите сандали, ногата е понестабилна, па тежината се распределува нерамномерно. Но, и рамните чевли не се најдобра опција. Поновите истражувања покажуваат дека модата за носење на балетанки или апостолки предизвикува почеста појава на болки во грбот.

Како да си помогнете?
Сето ова не значи дека треба да ги заборавите високите потпетици или пак модерните балетанки. Единствено треба да внимавате да не ги носите секојдневно и постојано. Високите потпетици до 5 сантиметри не се толку штетни. Кога треба да пешачите на поголемо растојание, носете удобни чевли или патики кои ќе ви ја држат ногата стабилна. Користете влошки во чевлите кои не ви се удобни.

Во вашата чанта може да се најде од сè по нешто

Жените имаат лоша навика со себе да носат апсолутно сè и ставаат во чантата онолку работи колку што собира во неа. Кога носите тешка чанта, немате баланс и едното рамо останува погоре од другото. Така вашиот грб се искривува. Секојдневното носење на тешка чанта несомнено ќе предизвика болки во грбот по извесно време.

Како да си помогнете?
Тежината на чантата не треба да биде поголема од 10% од вашата телесна тежина. Извадете ги сите работи кои не ви се потребни и земете го само најнеопходното. Често префрлувајте ја чантата од едното на другото рамо, за тежината да не паѓа само на едната страна.

Постојано правите стомачни вежби

Желбата за рамен стомак принудува многу жени секојдневно да прават вежби за стомачните мускули. Но, кога правите стомачни вежби, ‘рбетот се искривува во форма на буквата „С“ и ако вежбате подолг период основно само вакви вежби, ќе завршите со болки во грбот.

Како да си помогнете?
Ова не значи дека треба да се откажете од вежбите за стомачни мускули. Едноставно, овие вежби нека бидат дел од една посложена програма за вежбање којашто ќе вклучува вежби и за другите делови од телото. Стомачните вежби всушност многу малку придонесуваат да имате рамен стомак. Потребно е да практикувате кардио вежби за да го отстраните непосакуваниот вишок.

Вашиот душек е премногу стар или спиете во неправилна положба

Ако чувствувате болка во грбот и не можете да ја откриете причината, размислете добро колку е стар душекот на којшто спиете и во каква положба најчесто спиете.

Како да си помогнете?
Експертите советуваат душеците да се менуваат на секои 10 години. Избирајте душек кој не е премногу мек или премногу тврд. Многу е распространето мислењето дека тврдите душеци се подобри, но ако душекот е премногу тврд, може да го зголеми притисокот врз грбниот столб и да ја влоши болката. Спијте на грб или ако ви е поудобно, спијте на едната страна, но држете ги нозете потсвиткани во колената. Немојте да спиете на стомак, особено ако вашиот душек е мек.

Не се релаксирате доволно

Стресот може да предизвика главоболки, болки во вратот, но и болки во грбот. Ако сте постојано напнати и под стрес, мускулите на вратот и грбот се стегаат и ако не се релаксирате често, може да се појави болка во грбот.

Како да си помогнете?
Идентификувајте го стресот како причина за појава на болките. Тоа е првиот чекор. Потоа, релаксирајте се. Правете работи што ве опуштаат. Вежбајте, растегнувајте ги мускулите, смејте се со друштво, читајте убава книга или пак слушајте музика.

Дали знаете дека и држењето лутина кон некого може да ви предизвика болки во грбот? Бесот и лутината создаваат непотребна напнатост во мускулите. Насмевнете се и простувајте. Животот е премногу краток за да го поминете налутени.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19670 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.