Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 10 намирници кои значително помагаат при подуеност на стомакот

10 намирници кои значително помагаат при подуеност на стомакот

Подуеноста на стомакот најчесто не укажува на некоја сериозна здравствена состојба, но секако може да направи да се чувствувате непријатно и да ве спречи во извршувањето на секојдневните активности.

Сигурно сте биле во ситуација кога ве очекува некој важен настан на кој веќе сте испланирале да се појавите во вашиот омилен фустан или омилените тесни фармерки, кои одлично ја истакнуваат вашата фигура, но поради подуеност на стомакот, немате доволно самодоверба да ги облечете.

Храна за рамен стомак

Дознајте кои намирници може да ви помогнат на природен начин да се ослободите од овој непријатен гастроинтестинален проблем.

Јогурт

Храна за рамен стомак

Јогуртот се вбројува во намирниците кои помагаат при подуеност на стомакот. Овој вкусен млечен продукт содржи одредена доза на пробиотици, односно „добри“ бактерии, кои помагаат во варењето на храната и со тоа го намалуваат чувството на подуеност. Може да го консумирате без додатоци или да го комбинирате со боровинки, јагоди, банана, смокви, грозје, лубеница, јаткасти плодови, чија, ленено семе...

Забелешка: Доколку имате интолеранција на лактоза, избегнувајте консумирање на млечни продукти, вклучително и јогурт.

Интолеранција на лактоза е чест дигестивен проблем кој се јавува поради неможноста за дигестија на лактоза, тип на шеќер кој се наоѓа во млекото и млечните продукти. Доколку неколку часа по консумирање на продукт кој содржи лактоза имате чувство на подуеност, гасови, грчеви, болка во стомакот, дијареја, консултирајте се со вашиот лекар.

Ѓумбир

Храна за рамен стомак

Ѓумбирот е коренесто растение познато уште пред повеќе од 3.000 години по неговиот стимулативен ефект врз гастроинтестиналниот систем. Тајната е во функционалните состојки како шогаол, ѓумбирол и парадол, кои со низа медицински истражувања е покажано дека го намалуваат чувството на подуеност во стомакот. Исто така ѓумбирот има антиинфламаторен и антиоксидативен ефект, помага во намалување на главоболката, ублажување на симптомите на грип и настинка, како и во борба против малигните заболувања.

Ѓумбирот може да се консумира како свеж корен, во форма на прав или како течен екстракт. Препорачаната дневна доза на свеж корен од ѓумбир за возрасни е од 2 до 4 грама (0,25 до 1 грам ѓумбир во прав и 1,5 до 3мл екстракт од ѓумбир).

Свежо приготвениот чај од ѓумбир е брз и вкусен начин за консумирање на оваа намирница.

Киви

Храна за рамен стомак

Истражувањата покажуваат дека ова вкусно овошје ја намалува опстипацијата, го забрзува мотилитетот на цревата и помага за ослободување од тензичното чувството на надуеност во стомакот. Позитивниот ефект на ова егзотично овошје врз процесот на варење на храната се должи на протеолитичкиот ензим познат како актинидин, кој помага во разградување на комплексните протеини.

Покрај тоа, кивите изобилуваат со бројни нутритивни состојки како витамин Ц, А, Е и Б6, калиум и железо. Се смета дека освен влијанието врз гастроинтестиналниот систем, играат значајна улога врз регулација на крвниот притисок, го подобруваат имуниот систем и помагаат во одржување на здрава телесна тежина.

Ким

Храна за рамен стомак

Kимот е еден од најстарите природни лекови за елиминирање на гасовите од гасторинтестиналниот тракт. Може да го користите во комбинација со разни салати и ужинки, како додаток на главно јадење или да приготвите вкусен чај од ким. Доколку немате можност да го вклучите овој зачин во текот на подготовка на вашиот оброк, а сакате да превенирате подуеност на стомакот, доволно е да изгрицкате неколку семиња ким после јадење.

Низа на испитувања покажуваат дека кимот покрај тоа што делува во подобрување на дигестијата, има антиоксидативно и антибактериско дејство, го заштитува црниот дроб, го регулира нивото на шеќер во крвта, го намалува стресот и помага во борба против малигните заболувања. Затоа, што поскоро овој зачин нека стане задолжителна намирница во приготвувањето на вашите секојдневни оброци.

Подготовка на чај од ким: Во шолја за чај ставете една кафена лажичка ким и додајте топла, но не зовриена вода, бидејќи со тоа се уништуваат корисните состојки. Пред да го консумирате, оставете да отстои 10 минути. Најдобро е да го пиете после оброк, за да постигнете максимален ефект во превенција на подуеност.

Кисела зелка

Храна за рамен стомак

Kиселата ферментирана зелка содржи пробиотици кои ја подобруваат дигестијата на храната, спречуваат појава на гасови и чувство на надуеност. Се препорачува да се консумира свежа, бидејќи со секој процес на термичка обработка се уништуваат „добрите бактерии“, a со тоа се намалува позитивниот ефект врз гастроинтестиналниот систем.

Покрај тоа што е богата со витамини и минерали, како и повеќето зеленчуци, киселата зелка е нискокалорична и изобилува со растителни влакна, па според тоа, може да придонесе и во намалувањето на телесната тежина.

Кефир

Храна за рамен стомак

Ова ферментирано млеко со потекло од Кавказ е одличен лек за подобрување на гастроинтестиналните симптоми како подуеност и абдоминални грчеви, па воопшто не се двоумете да го вклучите во вашето секојдневно мени. Кефирот, слично како и јогуртот, е богат со пробиотици, кои овозможуваат регулирање на работата на дигестивниот систем и спречуваат појава на подуеност и акумулирање на гасови во стомакот.

Забелешка: Доколку имате интолеранција на лактоза, избегнувајте консумирање на млечни продукти, вклучително и кефир.

Нане

Храна за рамен стомак

Нането е хербален лек кој уште пред илјадници години се употребувал за олеснување на дигестивни проблеми. Истражувањата покажуваат дека нането ги ублажува симптомите на синдром на иритабилно црево, односно помага во смирување на подуеност, гасови во стомакот и абдоминални грчеви. Тајната е во неколку состојки наречени „спазмолитици“, кои имаат релаксирачки ефект врз мускулатурата на гастроинтестиналниот тракт и со тоа помагаат во смирување на гастроинтестиналните симптоми.

Може да го користите како додаток во исхраната, да приготвите вкусен чај од свежо нане, а доколку сакате да постигнете поголем и побрз ефект, тогаш употребете есенцијално масло од нане.

Аспарагус

Храна за рамен стомак

Овој суперзеленчук е одличен кога станува збор за превенција на подуеност на стомакот, бидејќи од една страна ја намалува акумулацијата на гасови, но исто така делува како диуретик и стимулира елиминација на вишокот на течности во организмот. Тајната е во пробиотиците кои ја подобруваат дигестијата на храната и во аминокиселината аспарагин која има диуретски ефект. Покрај тоа, аспарагусот е познат по неговото антиинфламаторно, антиоксидативно, имуностимулативно и антихепатотоксично дејство.

Со цел максимално да ги искористите позитивните ефекти на аспарагусот, консумирајте го приготвен на пареа или на скара.

Банана

Храна за рамен стомак

Бананата е корисна за намалување на подуеноста на стомакот, која е предизвикана од задршка на течности во организмот. Прекумерното конзумирање на сол преку процесирана и брза храна, доведува до ретенција на водата, која може да се манифестира со подуеност на стомакот. Калиумот кој во изобилство го има во бананите, учествува во регулација на течностите во организмот и го намалува тензичното чувството на подуеност.

Затоа, доколку сте имале богата солена вечера и утрото се разбудите со подуен стомак, вклучете ја бананата во појадокот и ослободете се од непријатните стомачни тегоби.

Лубеница

Храна за рамен стомак

Ова вкусно летно овошје, кое датира уште од времето на Стариот Египет, содржи повеќе од 90% вода и претставува одличен диуретик, кој овозможува да се исфрлат вишокот на течности од организмот и со тоа да се намали подуеноста на стомакот. Сепак, избегнувајте лубеница доколку имате потврдена интолеранција на фруктоза, бидејќи овој тип на шеќер кој во изобилство го има во лубеницата, може да ги влоши симптомите и дополнително да предизвика појава на гасови и тензично чувство во стомакот.

!

Напомена: Во случај на подолготрајна подуеност, пропратена со силни абдоминални болки, грчеви и тврд стомак, веднаш консултирајте го вашиот лекар.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20096 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.