Почетна » Здравје » Заболувања » Социјална фобија

Социјална фобија

Повеќето луѓе се нервозни и вознемирени пред или за време на некои социјални настани како интервју за работа, јавен говор или состанок, но тоа е нормално. Социјалната фобија е многу повеќе од обичен срам и пеперутки во стомакот и влијае негативно врз начинот на живот.

Тажна осамена женаАко не се преземат соодветни мерки, социјалната фобија може да доведе до депресија и зависност од дрога или алкохол.

Што е социјална фобија?

Социјалната фобија се нарекува и социјално анксиозно нарушување. Таа е многу повеќе од обичен срам. Срамежливите луѓе се способни да учествуваат во сите социјални настани. Од друга страна, луѓето кои страдаат од социјална фобија се толку многу засегнати од болеста, што таа влијае на нивната способност да ги изведуваат нормално секојдневните активности.

Луѓето кои страдаат од социјална фобија имаат постојан, интензивен и хроничен страв дека се набљудувани, осудувани и критикувани од другите или страв да не се засрамат или понижат од своите постапки. Иако тие разбираат дека нивниот страв да бидат во близина на други луѓе е претеран и ирационален, не се во состојба да го контролираат. Стравот, вознемиреноста и паниката може да се појават денови или недели пред некој социјален настан.

Околу 5-8% од луѓето во светот страдаат од овој тип на фобија. Најчесто, првото препознавање на ова нарушување е за време на тинејџерските години, но може и да се развие подоцна во текот на животот. Неретко социјалната фобија води до депресија и зависност од дрога и алкохол. Голем дел од засегнатите од социјалната фобија ги користат дрогата или алкохолот како начин да се опуштат пред другите луѓе.

Симптоми и лекување

Најголем дел од луѓето кои страдаат од социјална фобија се плашат да не бидат засрамени. Тие чувствуваат дека наводно другите ги набљудуваат и се плашат дека ќе им ги забележат симптомите како зацрвенување, потење и сл. Исто така веруваат дека покажувањето на анксиозност е знак на слабост.

Тие се плашат од јавно говорење, држење на состаноци, пишување во јавност, јадење во јавност, користење на јавно WC, разговарање со непознати или авторитетни личности, посетување на забави, состанување.

Социјална фобија може да предизвика физички и психички симптоми и промени во однесувањето.

Психички симптоми и промени во однесувањето:

  • Страв од засрамување или понижување пред другите;
  • Интензивен страв од контакт со непознати луѓе;
  • Страв од ситуации кои можат да доведат до критикување или оценување;
  • Страв дека ќе биде забележана анксиозноста;
  • Вознемиреност која го нарушува нормалното функционирање и извршување на секојдневните обврски како работа, училиште и други активност;
  • Избегнување на некои активности поради страв од комуникација со други луѓе;
  • Избегнување на социјални настани кои бараат застанување во центарот на вниманието.

Физички симптоми:

  • Зацрвенување;
  • Треперење;
  • Зголемено потење;
  • Вртоглавица;
  • Проблеми со стомакот;
  • Проблеми во говорот;
  • Треперење на гласот;
  • Збунетост;
  • Студени раце;
  • Неможност за воспоставување на контакт со очите.

Доколку стравот и анксиозноста не се многу силни, нема потреба од посета на стручно лице. Пример, ако дадено лице мрази да држи јавни говори, но сепак го прави и не доживува напади на анксиозност, тогаш најверојатно нема потреба од стручна помош.

Но, ако овој тип на растројство влијае врз начинот на живот на тоа лице, т.е. избегнување на некои активности, слаба комуникација со луѓе, одбивање на можност за развој на професионален план и сл., тогаш е потребно да се оствари консултација со стручно лице.

Најчесто овој проблем се надминува со помош на психотерапија. Когнитивно-бихејвиоралната терапија им помага на околу 75% од луѓето кои страдаат од социјална фобија. Овој тип на терапија се заснова на идејата дека нашите мисли, а не другите луѓе и ситуации решаваат како ќе се однесуваме или реагираме. За време на терапијата лицето треба да научи да ги препознава и менува негативните мисли за себе. Но, напредокот не треба да се очекува веднаш. Потребно е да помине подолг период од неколку месеци.

Понекогаш стручното лице може да реши дека се потребни и лекови за надминување на проблемот.

Ризични групи

Некои луѓе се посклони да развијат социјална фобија од други. Тоа зависи од повеќе фактори како:

  • Полот. Жените почесто страдаат од социјална фобија од мажите.
  • Семејна историја. Многу истражувања тврдат дека поголема е веројатноста да се појави социјална фобија кај лица чии родители страдале од овој вид растројство.
  • Лошо искуство. Социјалната фобија може да биде резултат од лошо искуство или немил настан во минатото. Пример децата кои што биле задевани, понижувани или исмејувани се посклони кон развивањето на социјална фобија.
  • Срамежливоста. Срамежливите, повлечените и плашливите луѓе повеќе страдаат од социјална фобија.

Како да си помогнете сами?

Првиот чекор кон подобрување на вашата состојба е признавањето за постоењето на проблем. Откако ќе си признаете дека вашиот страв е ирационален, ќе имате волја да си помогнете.

За да го намалите негативното влијание на социјалната фобија, треба да процените кои ситуации ја активираат кај вас анксиозноста. За таа цел можете да си водите дневник со симптомите кои се појавуваат кај вас и ситуациите и настаните кои ги предизвикале.

Зборувањето за проблемот е најважниот чекор кон напредокот. Доколку забележите дека некој во вашата околина страда од ваков или сличен проблем, разговорите со него ќе ви помогнат полесно да се соочите со овој тип на анксиозност.

Пред да се одржува голем настан, како јавно говорење, вежбајте што ќе кажете и замислувајте си ги сите луѓе што ќе зјапаат во вас. Тоа ќе ви помогне да бидете подготвени кога ќе се застанете пред нив и ќе ја намали вашата вознемиреност.

Еве и неколку практични совети кои можете да ги применувате за постепено да се ослободите од негативното влијание на социјалната фобија.

  1. Воспоставувајте контакт со очите кога се поздравувате со некого. Бидете првите што ќе поздравите некој познат, не чекајте тој да ви пријде.
  2. Давајте почесто комплименти.
  3. Покажете интерес за другите луѓе, прашувајте ги за нивното здравје, семејство, хобија и сл.
  4. Во супермаркет или во бутик побарајте помош од вработените.
  5. Јадете во јавност со близок пријател или роднина.
  6. Дишете длабоко и бавно.
  7. Фокусирајте се на силните страни и талентите кои ги поседувате.
  8. Избегнувајте го или намалете го кофеинот што го консумирате. Кафето, чајот, енергетските пијалоци или чоколадото може да ги засилат симптомите на анксиозност.
  9. Намалете го алкохолот. Иако можеби тој ви помага да се опуштите пред другите луѓе, најдобро е да го избегнувате, затоа што го зголемува ризикот од напад на паника.
  10. Спијте доволно. Кога не сте доволно наспани, посклони сте кон анксиозност. Добриот одмор ќе ве држи смирени за време на социјалните ситуации.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19673 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.