Октомври е месец за подигање на свеста за ракот на дојка и често околу вас може да ја забележите розовата панделка, која е симбол на борбата против оваа женска болест и симбол на поддршката на сите засегнати од рак на дојка.
Фактите гласно говорат дека секоја жена треба да биде добро информирана за оваа честа болест, бидејќи никоја од нас не е имуна. На светско ниво, ракот на дојка е најчестиот канцер кај жените. Инциденцата на ракот на дојка е во пораст. Во Македонија годишно има околу 750 новодијагностицирани случаи на рак на дојка, а бројот на починати на годишно ниво изнесува 293. Добрата вест е што ракот на дојка откриен во ран стадиум се смета за потенцијално излечив.
Иако болеста најчесто се појавува кај жените во возрасните групи од 45 до 49 и од 55 до 59 години, сè почесто рак на дојка е дијагностициран и кај млади девојки. Затоа, многу е важно да се започне со преземање на мерки за заштита уште од млада возраст.
Еве како можете да го намалите ризикот од појава на рак на дојка и да го зачувате здравјето на вашите гради:
- Одржувајте здрава телесна тежина, особено по менопаузата. Прекумерната тежина кај жените се поврзува со зголемен ризик од рак на дојката. Се смета дека дебелината го зголемува ризикот од појава на рак на дојка со 40%. И не само тоа. На жените со прекумерна тежина им е многу потешко да се борат против ракот на дојка по дијагностицирањето. Одржувајте го индексот на телесна маса (BMI) под 25. Но, не ги гледајте само бројките на вагата. Мерете го редовно и обемот на вашата половина. Не дозволувајте обемот на половината да достигне повеќе од 80cm.
- Редуцирајте го до минимум консумирањето на алкохол. Колку повеќе алкохол пиете, толку повеќе го зголемувате ризикот од рак на дојка. Истражувањата покажуваат дека пиењето на два алкохолни пијалаци дневно го зголемува ризикот за 21%. Најдобро е да пиете алкохол само во специјални прилики. Ако веќе сте одлучиле секој ден да пиете алкохол, не пијте повеќе од една чаша.
- Физичката активност нека ви стане приоритет. Редовното вежбање помага за одржување на нормална тежина, го зајакнува имунитетот, го намалува нивото на естроген (високото ниво на овој хормон се поврзува со зголемен ризик од рак на дојка), а оттаму и веројатноста за појава на рак на дојка. Целете кон 30-минутно умерено вежбање, најмалку 5 дена во седмицата. Ако не сте љубители на фитнес салите, изберете пешачење. Но, тоа не треба да биде само обична лежерна прошетка во паркот, туку треба да одржувате умерено темпо. Вежбањето исто така може да им помогне на жените кои веќе имаат рак на дојката подобро да ги поднесат страничните ефекти од терапијата и побрзо да закрепнат по операција.
- Земете ја предвид вашата семејна историја. Жените во чие семејство има или имало случај со рак на дојка се изложени на поголем ризик. Високоризична група се жените кај кои од ова заболување страдале или страдаат роднини од прв степен (мајка или сестра). Разговарајте отворено со вашето семејство и задолжително информирајте го вашиот доктор за евентуалната појава на рак на дојка кај некој од вашите блиски. Тоа може да ги промени неговите препораки за возраста на која треба да започнете со скрининзи. Сепак, имајте на ум дека повеќето случаи на рак на дојка се појавуваат кај жени во чие семејство не било присутно ова заболување.
- Не го заменувајте доењето со вештачко млеко. Жените кои го дојат своето бебе го намалуваат ризикот од рак на дојка. Колку подолго го доите вашето бебе, толку поголем е заштитниот ефект. Дојте го вашето малечко до шестиот месец од неговиот живот, а потоа внесете и друга храна.
- Зголемете го внесувањето на витамин Д. Витаминот Д не е добар само за зацврстување на коските и за подорување на имунитетот. Истражувањата покажуваат дека тој може и да ја намали веројатноста од појава на рак на дојка.
- Внимавајте на исхраната. Ограничете го консумирањето на црвено месо, бидејќи се верува дека го зголемува ризикот од рак на дојка. Заменете го црвеното месо со пилешко или морска храна. Преферирајте овошје и зеленчук пред бели печива и премногу готвено месо. Се препорачува да јадете 5 порции овошје или зеленчук дневно. Збогатете ја вашата исхрана со: брокули, маслиново масло, лосос, мешунки и ореви.
- Правете редовни прегледи на дојките. Горенаведените мерки само го намалуваат ризикот, но за жал, не ве заштитуваат целосно. Секундарната превенција, т.е. откривањето на ракот во најраната фаза е од исклучителна важност. Колку порано е откриен ракот на дојка, толку полесно тој може да биде излечен.
- Самопреглед на дојките. Се препорачува да правите самопрегледување на дојките еднаш месечно, почнувајќи од 20-годишна возраст. Најдобро време за самопреглед е 3-5 дена по завршувањето на менструалниот период.
- Мамографија. Најчесто се препорачува првата мамографија да се направи околу 40-тата година. Жените на возраст меѓу 40 и 50 години треба да прават мамографија на секои 2 години. По 50-тата година периодот меѓу мамографиите се намалува на еднаш годишно.
И не заборавајте, НИКОГАШ не е премногу рано или премногу доцна за промени. Не е важно дали имате 15, 25 или 55 години. Променете го вашиот живот за да се радувате на добро здравје.