Почетна » Здравје » Заболувања » Лајмска болест – симптоми, лекување, превенција

Лајмска болест – симптоми, лекување, превенција

Сончевите денови и пролетното раззеленување нè мамат да поминуваме што повеќе време во природа. Но, со покачувањето на температурите се зголемува и активноста на крлежите, кои пренесуваат разни инфективни заболувања меѓу кои и Лајмската болест. Затоа, важно е да сме информирани за симптомите на оваа болест и за тоа како да се заштитиме од убод од крлеж.

Крлеж

Што е Лајмска болест и како се пренесува?

Лајмската болест е инфективно заболување предизвикано од бактерии кои припаѓаат на родот Borrelia и тоа: Borrelia burgdorferi, Borrelia garinii и Borrelia afzelii. Оваа болест на луѓето се пренесува преку убод од инфициран крлеж. Затоа и пикот на ширење на болеста се поврзува со периодот кога крлежите се најактивни, т.е. од почетокот на пролетта до крајот на есента.

Резервоар на бактеријата може да бидат разни животни, вклучувајќи кучиња, елени, добиток, птици, глодари и др.

Симптоми на Лајмска болест

Клиничката слика на Лајмската болест се состои од 3 последователни фази и тоа:

Примарна фаза

Во првата фаза се јавува Erythema chronicum migrans. Оваа промена може да се јави од 3 до 30 дена по инфицирање на организмот со бактеријата. Станува збор за специфичен осип на кожата кој не предизвикува јадеж и чешање. Се манифестира како јасно ограничено кружно или овално црвенило, со испакнат центар, чиј облик се зголемува во период од неколку дена или недели, па може да достигне дијаметар и до 20-30 сантиметри. Осипот најчесто се јавува на местото на убод и тоа во најголем дел од случаите на долните екстремитети, поточно на потколеницата. Како што се шири инфекцијата, осип со сличен изглед може да се јави и на други делови од телото.

Крлеж

Покрај Erythema chronicum migrans, во првата фаза може да се јават и други симптоми како треска, оток на лимфни јазли, вкочанет врат, главоболка, замор, малаксаност и болка во зглобовите.

Доколку не се лекува, оваа фаза трае од 3-4 недели.

Секундарна фаза

Неколку недели или месеци по примарната фаза (која се манифестира во 50-70% од случаите) се јавува секундарна фаза. Симптомите вклучуваат:

  • кожни манифестации слични како во првата фаза, но освен на местото на убодот, се јавуваат и на други делови од телото;
  • зглобни манифестации – артритис на големите зглобови;
  • невролошки манифестации – енцефалит, миелит, менингит, лезија на фацијален нерв и менингорадикулит, пропратен со силни ноќни болки на местото на убод;
  • кардиолошки манифестации – (А-V блок) инфламација на миокардот и перикардот.

Овие симптоми кај пациентот може да се јават изолирано или здружено.

Терцијална фаза

Доколку болеста претходно не се третира, се јавува последната и воедно најсериозна терцијална фаза од болеста. Оваа фаза се манифестира кај околу 10% од заболените. Симптомите вклучуваат:

  • Хроничен атрофичен актодерматит;
  • Деменција;
  • Промени во расположение;
  • Несоница;
  • Трнење на раце, нозе и грб;
  • Болка во мускулите и зглобовите;
  • Неможност за контрола на мускулите на лицето.

Како се лекува Лајмската болест?

Бидејќи станува збор за бактериско инфективно заболување, третманот е антибиотски. Во зависност од тоа во која фаза е дијагностицирана болеста, се даваат соодветни антибиотици (amoxicillin, doxycycline, ceftriaxone итн.). Антибиотикот може да се прима орално (доколку болеста е откриена во рана фаза) или парентерално (доколку болеста е откриена во подоцнежна фаза).

Кај мал дел од луѓето заболени од Лајмска болест, по третманот, дел од симптомите сè уште перзистираат. Во овој случај, понатамошното лекување со антибиотици најчесто не дава резултати.

Како да се заштитите од убод од крлеж?

Крлеж

Најдобар начин да се заштитите од Лајмска болест e да преземете соодветни превентивни мерки. Следете ги следните совети кога ќе одите во природа:

  1. Пешачете по јасно обележаните патеки и избегнувајте движење во предели каде што има висока трева.
  2. Носете затворени обувки.
  3. Доколку имате долга коса, не оставајте ја пуштена.
  4. Ако пешачите низ шума или тревни површини, носете светла облека со долги ракави и ногавици за полесно да можете да ги забележите крлежите. Вовлечете ја блузата во панталоните, а чорапите над ногавиците на панталоните.
  5. Ставете средство против крлежи на облеката и чорапите. НАПОМЕНА: И покрај нивната ефикасност, овие средства може да предизвикаат сериозни несакани ефекти особено ако достигнат високи концентрации. Не се препорачува да се користат кај деца и бебиња.
  6. По завршување на активноста во природа, задолжително проверете го целото тело дали случајно има прикачено крлеж. Покрај телото, темелно проверете ја и облеката.
  7. По прегледот на телото, веднаш истуширајте се.
  8. Добро измијте ја косата со шампон доколку се сомневате дека постои опасност да има прикачено крлеж.

Советите особено треба да ги практикуваат бремените жени, затоа што инфекцијата може да се пренесе на плодот, а со тоа постои и веројатност да настане спонтан абортус.

Инфицираниот крлеж ја пренесува болеста на човекот во оној момент кога ќе започне да се исхранува од крвта. Тоа најчесто се случува по 24 часа од прикачувањето. Затоа е многу важно по активноста во природа, да направите комплетна ревизија на телото и доколку има прикачен крлеж, веднаш да се отстрани.

НАПОМЕНА: Лајмската болест има варијабилна симптоматологија од еден до друг пациент. Клиничката слика имитира широк дијапазон на други заболувања. Затоа, доколку имате убод од крлеж, посетете доктор, со цел да се направат соодветни лабораториски испитувања и доколку е потребно, да се спроведе соодветен третман.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20903 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.