Почетна » Здравје » Заболувања » Камен во бубрегот: Која храна треба да се избегнува?

Камен во бубрегот: Која храна треба да се избегнува?

Нефролитијазата е заболување кое се карактеризира со присуство и создавање на конкреција (песок, камчиња или камења) во бубрезите. Камењата во бубрегот се формираат од одредени супстанции (калциум, оксалати, фосфати), кои во урината се застапени со повисоки концентрации од дозволените. Повеќе фактори се поврзуваат со појава на нефролитијазата, како лоша исхрана, прекумерна телесна тежина, генетска предиспозиција, намален внос на течности итн.

Лошата исхрана влијае врз создавањето на бубрежните камења, па така одредени прехранбени продукти може да го зголемат, односно да го намалат, ризикот за создавање на бубрежни калкулуси.

Бубрези

Видови на бубрежни камења

Со цел успешна превенција на нефролитијазата, потребно е врз база на хемискиот состав да се одреди за каков тип на бубрежен камен станува збор.

Постојат 4 поголеми групи на камења во бубрегот:

  1. Калциумови камења. Оваа група на бубрежни камења е најзастапена и се состои од две помали подгрупи: калциум оксалатни камења кои се почести и калциум фосфатни камења. Постојат разни причини за појава на калциум оксалатните камења како ниско ниво на pH на урината, високи концентрации на калциум и/или оксалати во урината. Калциум фосфатните камења најчесто се јавуваат поради зголемена концентрација на калциумот во урината и зголемена pH вредност на урината (алкална урина).
  2. Струвитни камења. Овие камења најчесто се јавуваат како резултат на инфекција на уринарниот тракт.
  3. Камења од урична киселина. Се јавуваат поради зголемен ацидитет на урината (pH вредноста на урината е намалена), односно зголемена концентрација на урична киселина во урината.
  4. Цистински камења. Овој тип е најмалку застапен и се јавува при цистинурија. Станува збор за автозомно рецесивно заболување кое се карактеризира со нерастворливост на цистинот (неутрална аминокиселина) во урината и како резултат на тоа се формираат калкули.

Исхрана според типот на бубрежни камења

Во зависност од тоа за која група на бубрежни камења станува збор, се советува соодветен диететски режим.

Калциумови камења

  • Редукција на натриум. За да имате контрола врз количеството на натриум кое секојдневно го внесувате, потребно е пред консумација на одреден производ, да се информирате за неговите нутритивни вредности. Избегнувајте консумирање на производи кои содржат високо ниво на натриум како хот дог, брза храна, конзервирана храна, преработена замрзната храна, месни производи како салама, чајна, сланина и др.
    Исто така, внимавајте на супстанции кои може да содржат „скриен натриум“ како натриум бикарбонат, натриум алгинат, натриум нитрат или нитрит, мононатриум глутамат и др.
  • Редукција на животински протеини. Се смета дека протеините од животинско потекло го зголемуваат ризикот за создавање на калциумови камења, бидејќи влијаат на екскрецијата на калциумот и на цитратите (инхибитори на калциум оксалатниот систем, односно спречуваат создавање на калциумови камења) во урината.
  • Избегнување на храна богата со оксалати. Дел од оксалатите кои се екскретираат во урината се создаваат во телото, но постојат одредени производи кои имаат високи концентрации на оксалати, а со нивно консумирање се зголемува нивото на оксалати во урината. Тука спаѓаат: спанаќ, црн чај, кока-кола, чоколадо, јаткасти плодови, кафе и др.
  • Примање на соодветна количина на калциум. Калциумот којшто се внесува во организмот преку исхраната во нормални количини се смета дека не го зголемува ризикот за создавање на калциум оксалатни камења. Внимание! Доколку земате калциум суплементи треба да бидете внимателни, бидејќи може да го зголемите ризикот за формирање на калциум оксалатни камења, особено доколку суплементите не ги земате за време на оброк.

Струвитни камења

Бидејќи овој тип на камења е резултат на присутна бубрежна инфекција, третманот се состои од отстранување на веќе присутните камења во уринарниот систем и лекување на инфекцијата. Засега не е медицински потврдено дека одреден начин на исхрана може да превенира појава на струвитни камења.

Камења од урична киселина

Редукција на внесот на пурини. Јајцата, месото, рибата, а особено животинските изнутрици (бубрези, црн дроб, мозок), содржат пурини кои во организмот се разложуваат и како производ се добива урична киселина, која се екскретира преку урината. Зголемената концентрација на урична киселина е услов за формирање на истоимениот тип на бубрежни камења. Кај овие пациенти се советува избегнување на месни производи и внес на протеини од храна како млечни производи, соја, леќа, тофу. Доколку се консумира месо, не треба биде во поголемо количество од 170 грама на ден.

Цистински камења

За лекување на оваа состојба потребна е специфична терапија која вклучува консумирање на големо количество течности и алкализација на урината.

Дополнителни совети

Жена
  • Доколку претходно сте имале проблеми со камења во бубрегот, потребно е секојдневно да внесувате најмалку 2 литри вода.
  • Цитрусните пијалаци, како лимонада и свеж сок од портокал, го спречуваат формирањето на калциум оксалатни бубрежни камења благодарение на цитратот кој го содржат, но може да имаат контра ефект доколку станува збор за калциум фосфатни камења.
  • Консумацијата на чај и кафе е дозволена во умерени количини, доколку не станува збор за калциум оксалатни камења.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19735 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.