Кои витамини спаѓаат во Б комплексот?
Кога зборуваме за витамини Б, всушност зборуваме за Б комплексот. Тој ги вклучува следните витамини:
Б1 (тиамин). Значаен е за создавањето на енергија во телото. Влијае и врз работата на нервниот систем, срцето и другите мускули.
Б2 (рибофлавин). Овој витамин е значаен за одржување на добар вид, создавање на црвени крвни зрнца, зачувување на силен имунолошки систем и нормално функционирање на нервниот систем.
Б3 (ниацин). Ја подобрува циркулацијата на крвта и го намалува нивото на лош холестерол. Исто така помага и во одржувањето на здрава кожа.
Б5 (пантотенска киселина). Значаен е за одржување на здрава кожа, влијае врз работата на нервниот систем и помага при стрес.
Б6 (пиридоксин). Помага при разградувањето на протеините и го одржува здравјето на нервниот систем.
Б7 (биотин). Помага за нормализирање на нивото на шеќер кај дијабетичарите. Ги зацврстува ноктите и ја одржува косата здрава.
Б9 (фолна киселина). Помага при стрес и малаксаност. Учествува во создавањето на ДНК и ја подобрува крвта.
Б12 (кобаламин). Го зголемува апетитот и помага во превенцијата од анемија.
Зошто ни се потребни витамините Б?

Секој од споменатите витамини има своја уникатна, биолошка улога во организмот. Но, како група овие витамини имаат многу заедничко. Тие во телото дејствуваат заедно, како комплекс и многу од нив се застапени во една и иста храна.
Витамините Б се искористуваат скоро во секој дел на телото како коензими (клучни компоненти на ензимите). Тие се особено важни за одржување на здрави нерви, кожа, коса, очи, џигер и уста. Исто така го помагаат и согорувањето на јаглените хидрати, со што се создава глукоза. Тоа му дава енергија на организмот.
Различните истражувања пронаоѓаат нови и нови функции на витамините Б. Така, докажано е дека Б комплексот има огромна улога за нормално функционирање на нервниот систем. Експертите сметаат дека внесувањето на поголеми количества витамини Б помагаат во лекувањето на полесни форми на депресија, анксиозност, раздразливост и слабо паметење. Голем број на доктори користат поголеми од препорачаните дози на Б комплекс за успешно лекување на шизофренија и други психички растројства.
Како да познаете недостиг на витамините Б?
Како што веќе споменавме, витамините Б се комплекс од различни витамини, па затоа и симптомите при нивен недостиг се најразлични. Некои од тие симптоми се:
- Анемија;
- Депресија;
- Загуба на апетит;
- Болки во стомакот;
- Грчеви во мускулите;
- Опаѓање на косата;
- Неправилности во развојот на фетусот кај бремените жени.
До денес не се познати случаи на предозирање со витамини од Б групата. Но, пред да започнете да консумирате поголеми количества, консултирајте се со доктор.
Во која храна се застапени витамините Б?
Витамините Б можете да ги внесувате преку различните додатоци како мултивитамините. Но, експертите советуваат да ги примате основно преку исхраната.
Витамините Б најмногу се застапени во зрнестата храна како пченица, ориз, овес, ’рж и во џигерот. Исто така се среќаваат и во зеленчуците со зелени лисја, месото од домашни птици, рибата, јајцата, јаткасти плодови и гравот.