Витамин Б3

Витаминот Б3 (ниацин, никотинска киселина) е дел од витаминскиот комплекс Б, кој игра значајна улога во метаболните процеси на организмот. Повеќе од 400 ензими имаат потреба од витаминот Б3 со цел непречено одвивање на метаболните реакции, преку кои се добива и складира енергија во организмот. Покрај тоа, витаминскиот комплекс Б е неопходен за здрава кожа, коса и очи, здрав црн дроб, а помага и во нормалното функционирање на нервниот систем.

Витамин Б6

Дефицит на витамин Б3

Кои се причините за дефицит?

Недостаток на витаминот Б3 најчесто се јавува како резултат на неадекватна исхрана, која е сиромашна со ниацин и триптофан (аминокиселина од која со помош на црниот дроб се добива ниацин).

Причините кои може да доведат до витамински Б3 дефицит се:

  • Недоволен внес на витамин Б3 или триптофан;
  • Карциноид синдром;
  • Morbus Hartnup;
  • Пролонгиран третман со лекови против туберкулоза;
  • Хронично консумирање на алкохол;
  • Лица кои се на дијализа;
  • Консумирање на одредени лекови – антидепресиви, имуносупресиви, fluorouracil, carbidopa итн.
  • Лица со малигни заболувања;
  • Лица заболени од ХИВ.

Како да препознаете витамински Б3 дефицит?

Благиот дефицит на витамин Б3 може да доведе до:

  • Замор;
  • Повраќањe;
  • Проблеми со варење на исхраната;
  • Депресија;
  • Орални улцерации (афти).

Во поодмината фаза на тежок дефицит на витамин Б3, уште позната како пелагра, зафатени се следните органски системи:

  • Гастроинтестинален систем. Дијарејата е главен гастроинтестинален симптом, кој може да биде пропратен со проблеми при варењето на храната, губење на апетитот, болка во стомакот, гадење и повраќање.
  • Кожа. При пелагра, карактеристична е појавата на дерматитис. Станува збор за кожен осип кој ги зафаќа лицето, вратот, шаките, зглобовите на стапалата и рацете, лактите и колената. Промените кои настануваат на кожата може да бидат предизвикани од експозицијата на сончева светлина. Можно е отекување на јазикот и појава на рагади на усните. Кожните промени често се пратени со јадеж и чувство на жарење.
  • ЦНС. Невролошката симптоматологија е разновидна и може да вклучува несоница, тремор, трнење, раздразливост, вкочанетост, парализа, психички нарушувања, нарушување во рамнотежата, деменција.

Кои намирници се богати со витамин Б3?

Најдобар начин да превенирате витамински Б3 дефицит е добрата исхрана. Вклучете во вашето секојдневно мени продукти богати со витамин Б3. Со тоа не само што ќе придонесете за подобрување на вашето здравје, туку на долгорочен план вложувате за цврста и сјајна коса и за здрав, свеж изглед на вашата кожа.

Прехранбени продукти богати со витамин Б3

Витамин Б6
Прехранбен продукт Количина (g) Енергетска вредност (cal) Витамин Б3 (mg)
Туна во конзерва со масло 100 198 12,4
Пилешки гради 100 165 14,8
Мисиркино месо 100 104 11,7
Печурки шампињони 100 22 3,7
Лосос 100 146 7,9
Јагнешко месо 100 320 7,6
Телешко месо 100 191 8,7
Свинско месо 100 260 10,9
Кикиритки 100 585 13,4
Џигер 100 135 16,7

Други продукти богати со витамин Б3 се брокула, аспарагус, грашок, авокадо, млеко, кафеав ориз и др.

Препорачана дневна доза на витамин Б3

Во зависност од возраста и полот, се препорачуваат следните дневни дози на витамин Б3:

  • Деца (1-13 години) – 2-12mg во зависност од возраста
  • Тинејџерки (14-18 години) – 14mg
  • Тинејџери (14-18 години) – 16mg
  • Возрасни жени над 19 години – 14mg
  • Возрасни мажи над 19 години – 16mg
  • Бремени жени – 18mg

Витаминот Б3 во борбата против „лошиот“ холестерол, дијабетесот и срцевите заболувања

Витаминот Б3 може да помогне при:

  1. Покачен „лош“ холестерол. Истражувањата покажуваат дека витаминот Б3 го зголемува нивото на „добриот“ холестерол, а тоа води до намалување на нивото на „лошиот“ холестерол во крвта.
  2. Дијабетес. При дијабетес тип 1, имуниот систем по грешка ги напаѓа и уништува клетките на панкреасот кои создаваат инсулин. Се смета дека витаминот Б3 може да ги заштити клетките одреден период. Кога станува збор за дијабетес тип 2, делувањето на ниацинот е покомплицирано. Луѓето кои страдаат од ова заболување често имаат високо ниво на холестерол. Витаминот Б3 помага во намалување на нивото на „лошиот“ холестерол, но може да го покачи нивото на шеќерот. Затоа, пред употребата на суплементи на база на витамин Б3, потребна е консултација со лекар.
  3. Срцеви заболувања. Кај луѓето кои страдаат од атеросклероза и имаат зголемен ризик од развој за инфаркт, со помош на витаминот Б3 се намалува нивото на „лошиот“ холестерол, со што се успорува прогресијата на болеста.

Иако се уште во фаза на испитување, покрај горенаведените здравствени состојби, витаминот Б3 може да помогне кај луѓе со Алцхајмерова болест, катаракта, остеоартритис, акни и др.

Внимание! Прекумерното дозирање со витамин Б3 може да доведе до главоболка, вртоглавица, заматување на видот, гастроинтестинални проблеми, токсичност на црниот дроб итн. Затоа, пред употребата на суплементи на база на витамин Б3, неопходна е консултација со лекар.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19739 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.