Почетна » Здравје » Заболувања » Мегалобластна анемија поради недостиг на витамин Б12

Мегалобластна анемија поради недостиг на витамин Б12

Крвта е витално важна течност во организмот која извршува многубројни функции. Таа се состои од крвна плазма и крвни клетки (еритроцити, леукоцити и тромбоцити). Една од најважните функции на крвта е транспортот на кислород од белите дробови до ткивата. Тоа се остварува благодарение на еритроцитите, односно на хемоглобинот – протеин кој се наоѓа во еритроцитите. Доколку, поради било која причина настане намалување на концентрацијата на хемоглобинот, односно апсолутно намалување на бројот на еритроцитите, се јавува состојба позната како анемија.

Во зависност од тоа според кои критериуми се прави класификација, разликуваме разни типови анемии. Анемијата која се јавува поради недостиг на витамин Б12 морфолошки е макроцитна мегалобластна анемија – еритробластите имаат волумен поголем од нормалниот (мегалобласти).

Крв

Причини за појава

Бидејќи овој тип мегалобластна анемија се јавува поради недостиг на витамин Б12, потребно е да се открие што довело до дефицит на овој витамин.

Најчести причини за недостиг на витамин Б12 се:

  • Недостиг на интринзик фактор (гликопротеин кој е потребен за ресорпција на витамин Б12). Недостигот на овој гликопротеин може да се јави поради хроничен атрофичен гастритис, гастректомија, вроден недостиг на пепсин и желудочен сок итн.;
  • Нутритивни причини (строги вегетаријанци);
  • Малапсорпција на витамин Б12. Може да се должи на ентеритис, хроничен панкреатитис, целијакија, лимфом, радијација итн.;
  • Недостиг на транскобаламин II (транспортен протеин на витамин Б12).

Симптоми и знаци

Симптоматологијата при анемија предизвикана од недостиг на витаминот Б12 се развива бавно и често во почетокот не се забележува. Клиничката слика може да вклучува:

Анемија
  • Малаксаност;
  • Вртоглавици;
  • Отежнато дишење;
  • Бледило;
  • Болен јазик со чувство на печење;
  • Мускулна слабост;
  • Намалување на телесна тежина;
  • Намален апетит;
  • Лупање на срце;
  • Трнење на екстремитетите (најчесто нозете);
  • Отежнато одење;
  • Дијареја;
  • Одземеност на долни екстремитети (ретко);
  • Раздразливост;
  • Проблеми со помнење;
  • Депресија;
  • Деменција.

Организмот има големи резерви на витамин Б12. Токму поради тоа, потребно е недостигот на овој витамин да е присутен подолг временски период за клинички да се манифестира.

Дијагноза

Со цел поставување на дијагноза, најнапред е потребно да се земе детална анамнеза и да се направи физикален преглед. По лекарскиот преглед, најверојатно ќе бидат потребни и дополнителни испитувања како диференцијална крвна слика, присуство на антитела за интринзик фактор, ниво на железо, гастроскопија итн.

Лекување и превенција

Бидејќи овој тип на анемија се должи на дефицит на витамин Б12 во организмот, третманот се состои од внесување на адекватна доза на витамин Б12. Доколку недостигот се јавува поради некое друго заболување, потребно е лекувањето да се насочи во решавање на конкретниот здравствен проблем.

Најчесто терапијата за анемија предизвикана од витамински дефицит Б12 се аплицира парентерално (интрамускулни инјекции). Кај пациенти кои имаат илеална ресекција, тотална гастректомија или гастричен by pass, терапијата со Б12 е доживотна.

Намирници богати со Б12Намирници богати со Б12

Доколку причината за дефицитот на витамин Б12 е нутритивна, најдобар начин за превенција и решавање на анемијата е соодветна исхрана. Затоа, во вашата секојдневна диета вклучете намирници кои се богати со витамин Б12 како морска храна, јајца, црвено месо, месо од живина, млеко и млечни продукти, житарки итн.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.