Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » Негативни ефекти од брзото слабеење со строги диети

Негативни ефекти од брзото слабеење со строги диети

Се наближува свадбата на ваша пријателка и мечтаете да го извајате телото до совршенство? Ве очекува патување на кое ќе треба да се соблечете по бикини? Или пак, можеби копнеете колку што е можно побрзо да ослабите по многуте празнични гозби? Во таквите ситуации, првата мисла на огромен дел од жените е „Потребна ми е диета која гарантира брзи резултати“. Но, дали сте подготвени да го жртвувате доброто здравје, оптималниот метаболизам, свежиот изглед и ведрото расположение за да ја постигнете својата цел за екстремно кратко време?

Слабеење

Колку и да е популарно меѓу жените, наглото слабеење е проследено со многу негативни ефекти, како:

  1. Брзо враќање на изгубената тежина. Брзото слабеење не само што е опасно за здравјето, туку е и краткотрајно. Кога слабеете брзо, телото се навикнува да функционира со помалку внесени калории и започнува да го забавува метаболизмот. Иако во почетокот може драстично да ослабете, по извесно време ефектот на диетата се намалува, губењето килограми станува предизвик, а вашата мотивација да продолжите со исто темпо значително опаѓа. Што се однесува до изгубените килограми, нив најверојатно ќе си ги вратите назад веднаш штом ќе се вратите на нормалната исхрана – тоа е познатиот јо-јо ефект. И што е најразочарувачки, враќањето на тежината најчесто се случува многу побрзо од слабеењето.
  2. Депресија и нарушувања во исхраната. Намалениот број внесени калории влијае и врз психичкото здравје и може да предизвика депресија или да го претвори гладувањето во навика и да доведе до нарушувања во исхраната како анорексија и булимија.
  3. Малнутриција, неисхранетост. Екстремното и брзо намалување на телесната тежина е знак дека телото не ги добива неопходните хранливи состојки. Тоа може да доведе до неисхранетост. Ако оваа состојба продолжи подолго време, може да резултира со слаб имунитет.
  4. Намалување на мускулна маса. Телото има ограничен капацитет да согорува масти. Кога гладувате, телото не добива доволно храна и му се потребни други извори на енергија, па тоа „троши“ од мускулите. Можеби намалувањето на тежината за повеќе од 1 килограм седмично го сметате за свое постигнување, но тоа не ви прави услуга. Задржувањето на мастите за сметка на загубата на мускулно ткиво, води до недефинирано опуштено тело кое воопшто не е привлечно.
  5. Забавен метаболизам. Драстичното намалување на внесените калории води до забавен метаболизам. Престрогите рестрикции во исхраната го активираат механизмот на телото за преживување – телото го забавува метаболизмот со цел да се согоруваат помалку калории и да може да преживее подолго време.
  6. Нередовна менструација. Строгите диети се закана за репродуктивното здравје, особено кај младите девојки. Брзото слабеење и недоволното внесување на витамини и минерали водат до доцнење на менструацијата, прескокнување на циклуси или намалено менструално крварење.
  7. Намалување на желбата за секс. Исто како и дебелеењето и драстичното слабеење може да ви ја убие желбата за секс. Строгите диети предизвикуваат раздразливост, истоштеност, а во некои случаи и депресија, па во таква ситуација желбата за интимност е со надолен тренд.
  8. Опаѓање на косата. Не е исклучено да забележите дека го губите посакуваниот волумен на косата ако се решите за брзо ослободување од вишокот килограми. Недоволното внесување на витамини, минерали, протеини и други хранливи состојки ја прави косата потенка и поретка и таа полесно се кине.
  9. Истоштеност. Имајте предвид дека храната е гориво. Кога телото не добива доволно калории, тоа нема енергија да ги извршува нормалните активности. Уморот, недостигот на енергија и истоштеноста се појавуваат поради недоволното внесување хранливи материи во организмот и се едни од најчестите сигнали кои ви укажуваат дека она што го правите не е добро за вашето здравје.
  10. Вртоглавица при физичка активност. Строгите диети ја крадат енергијата, телото се чувствува заслабнато и недоволно способно да се справува со поинтензивна физичка активност. Вртоглавицата може да се појави при нагло станување или за време на вежбање.
  11. Камен во жолчката. Се смета дека 12-25% од лицата кои драстично ослабеле во текот на неколку месеци страдаат од камен во жолчката.
  12. Дехидратација и главоболки. Телото има капацитет да согорува 0,5-1 килограм масти седмично. Ако сте успеале да ослабите повеќе од тоа, тогаш „стопените“ килограми најверојатно се резултат од губењето вода или мускулна маса. Избегнувањето на течностите со цел да видите помала цифра на вагата е погрешна тактика за слабеење која води до дехидратација. Главоболките се резултат или на дехидратацијата или ниското ниво на шеќер во крвта предизвикано од гладување.
  13. Опуштена кожа, брчки, стрии. Екстремното и брзо слабеење не ѝ дозволува на кожата да се прилагоди на новата форма, па таа станува опуштена. Знаците на стареење, како брчки и тенки линии на лицето и деколтето, стануваат поизразени кај лицата кои често практикуваат слабеење со брзи диети. Дополнително, јо-јо ефектот кој е последица на нездравото и брзо слабеење е една од најчестите причини за појавата на стрии.
  14. Зголемен ризик од срцев удар. Слабеењето на имунитетот, дехидратацијата и стресот се рецепт за заболувања на срцето. „Строгите диети нема да му наштетат на срцето ако ги држите еднаш. Но, многукратното слабеење со строги диети го зголемува ризикот од срцев удар“ – вели истакнатиот кардиолог Изадоре Розенфилд.
  15. Стрес, нервоза, раздразливост. Строгите диети го зголемуваат стресот, бидејќи гладувањето и неможноста да посегнете по омиленото јадење создаваат фрустрации и нервоза. Во телото се зголемуваат нивоата на хормоните кортизол и грелин, што води до раздразливост. Честото менување на расположението и изблиците на лутина се карактеристични за луѓето кои се на диета.

Факт: Јануари и јуни се месеците кога најмногу луѓе преземаат очајни и луди мерки за брзо слабеење. Започнуваат со гладување, јо-јо диети или програми за детоксикација, без да мислат на последиците од брзото слабеење и рестрикциите во исхраната.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19668 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.