Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » 10 најпопуларни митови за диетите

10 најпопуларни митови за диетите

Кога станува збор за диетите, секој знае да даде по некој совет и секој сака да слушне нешто ново и интересно. Но, колку од тие информации кои често ги распространуваме меѓу себе се точни?

Замислена жена

Еве дел од најпопуларните митови за диетите и фактите кои се кријат зад нив:

Мит: Јадењето навечер дебелее затоа што храната се претвора во масти

„Не треба да јадете по 20 часот навечер“ совет кој сигурно сте го слушнале милиони пати. Кога ќе прашате зошто, следи објаснувањето: храната којашто ќе ја изедете навечер автоматски се претвора во масти, затоа што не можете да ја согорите со физичка активност. Но, вистината е дека на калориите не им е важно колку е часот. „Калоријата е калорија, без разлика кога ќе ја изедете“ – тврдат експертите. Истражувачи од Кембриџ набљудувале доброволци кои прво се хранеле со големи ручеци, а мали вечери, а потоа, имале голем оброк за вечера и мал за ручек. Истражувањето покажало дека јадењето доцна навечер не предизвикува телото да складира повеќе масти. Најважен е вкупниот број на калории кои ќе ги внесете во текот на целиот ден. Ако цел ден се прејадувате и престанете да се храните по 20 часот, тоа не значи дека сте направиле нешто добро за вашата линија. Од друга страна, доколку во текот на денот сте внесле помалку калории, дури и ако јадете навечер, нема да се здебелите. Многу поважно е што и колку ќе јадете, отколку кога ќе го изедете.

Мит: Прескокнувањето на оброците ќе ви помогне да ослабите

Повеќето луѓе би помислиле: помалку оброци = помалку калории, а помалку калории = слабеење. Прескокнувањето на оброците, особено на појадокот, го забавува метаболизмот. Научните истражувања покажале дека луѓето кои го прескокнуваат појадокот консумираат многу повеќе калории во текот на денот и се склони кон прејадување. За да слабеете, не ги прескокнувајте оброците, туку направете ги помали.

Мит: Колку помалку калории внесувате, толку повеќе слабеете

Луѓето слабеат кога внесуваат помалку калории отколку што трошат, тоа е точно. Но, ако претерате со рестрикциите, може само да му наштетите на телото. Ако внесувате помалку од 1200 калории дневно, вашиот метаболизам ќе се забави затоа што телото е програмирано да направи сè за да преживее, а со тоа и бројот на согорени калории ќе се намали.

Мит: Брзите и строги диети се најдобри за слабеење

Навистина строгите диети се најдобри за слабеење, но само ако сакате краткорочен ефект. Најголем дел од строгите диети предизвикуваат губење на течности и оттаму доаѓа намалувањето на тежината. Тие не се решение ако сакате да ослабите на долгорочен план, а дури и може да предизвикаат зголемување на телесната тежина во иднина. Зошто? Затоа што додека сте на строга диета, телото се навикнува да работи со помалку внесени калории. Кога ќе ја завршите диетата и ќе започнете се храните како што сте се хранеле претходно, телото ќе продолжи да согорува калории со забавено темпо и се зголемува веројатноста за зголемување на тежината (јо-јо ефект).

Мит: Зборовите чоколадо и диета не одат еден со друг

Чоколадото е на списокот на забранета храна на скоро секоја жена што е на диета, па сите чувствуваат вина ако подлегнат на искушението и посегнат по ова слатко задоволство. Но, чоколадото е храна како и секоја друга. Да, навистина е малку покалорична (во 100 грама чоколадо има околу 500 калории), но ако се консумира во умерени количини, нема да ја уништи витката линија. Две-три коцки чоколадо на крајот на денот не се никаков грев. Многу полошо е да се воздржувате и ограничувате додека сте на диета, бидејќи ќе се чувствувате мизерно, а поради тоа се зголемува веројатноста побрзо да се откажете од диетата и/или да се прејадувате по завршувањето на диетата. Темното чоколадо е многу здраво и треба да биде вклучено во секој план за здрава исхрана.

Мит: Јаткастите плодови дебелеат и треба да ги избегнувате ако сакате да слабеете

Иако јаткастите плодови се калорични и содржат многу масти, нутриционистите советуваат тие да бидат дел од секојдневната исхрана. Јаткастите плодови се богати со витамини, минерали и растителни влакна. Тие ни помагаат да се чувствуваме сити подолго време. Освен тоа, истражувањата покажуваат дека луѓето губат повеќе тежина кога во нивната исхрана е вклучено умерено количество масти.

Мит: Колку сте подебели, толку помалку калории треба да внесувате за да слабеете

Вистинито е токму спротивното. Кај потешките луѓе, метаболизмот работи побрзо и согорува повеќе калории. Препорачаниот минимален број на дневни калории е поголем за подебелите луѓе. Искористете го нашиот калкулатор за дневни потреби на калории за да пресметате колку калории треба да внесувате за да слабеете, земајќи ја во предвид вашата тежина.

Мит: Сè додека вежбате, не треба да се преокупирате со диети

Вежбањето не е доволно за да го одржувате вашето тело во топ форма. Ако јадете обилни оброци и ако јадете без контрола, треба да вежбате по неколку часа дневно за да успеете да ги согорите внесените калории, а тоа е скоро невозможно. Доколку сакате убаво тело, треба и да внимавате на исхраната и да го обликувате телото со вежби.

Мит: Комбинирањето на јаглехидрати и протеини го спречува слабеењето

Теоријата зад овој мит гласи: на протеините и јаглехидратите им се потребни различни ензими за да бидат „сварени“, па ако ги јадете заедно, нема да бидат обработени правилно и ќе се формираат токсини кои ќе предизвикаат да трупате масти. Вистината е дека дигестивниот систем е подготвен истовремено да вари различни типови храна. Не постојат докази дека консумирањето на јаглехидрати и протеини одделно ќе ви помогне да слабеете.

Мит: Не можете да слабеете ако јадете сè што ќе посакате

Апсолутно е возможно да јадете каква храна што ќе посакате и сепак да слабеете. Но, се разбира, ќе треба да броите калории. Ограничувањето на порциите е одличен метод за слабеење. „И волкот сит и овците на број“.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.