Почетна » Семејство » Дете » 8 најчести грешки на родителите при воспитувањето на децата

8 најчести грешки на родителите при воспитувањето на децата

Растењето и воспитувањето на децата е една од најубавите, но истовремено и една од најтешките задачи на светот. Неретко родителите се чувствуваат неподготвени за таа важна задача, бидејќи се плашат од грешки.

Мајка воспитува ќеркаВоспитувањето бара смиреност и трпение

Еве дел од најчестите грешки кои ги прават родителите при воспитувањето на своите деца:

  1. „Период е, ќе мине“. Има родители кои избегнуваат да се справат со лошите навики на своето дете со изговорот „Период е, ќе мине“. Пример: детето започнува да користи вулгарни зборови, а родителите сметаат дека проблемот ќе се реши сам од себе со тек на време; детето ги каса сите што се во негова близина, а родителите повторно се тешат со: „Фаза е. Кога-тогаш ќе заврши“.

    Кога детето ќе увиди дека не се обидувате да искорените некоја негова навика, тоа автоматски ќе ја прими како дел од нормалното и прифатливо однесување, кое подоцна тешко ќе можете да го промените. Затоа, започнете да го елиминирате лошото однесување уште кога тоа ќе започне. Колку повеќе чекате, толку повеќе си ја отежнувате работата.

  2. Губење на контролата, викање. Секојдневните лудории на вашето дете можат буквално да ве полудат и целосно да заборавите на контролата. На пример, се обидувате да зборувате на телефон, а тоа не престанува со својата луда гласна забава низ домот, или пак, до пред пет минути му држевте лекција дека не треба да крева рака на своите другарчиња, а тоа повторно се служи со физички удари. Не е тешко вашето дете да ви се „качи“ на глава со неговото однесување и да му се развикате полни со бес. На крајот на краиштата, никој не е совршен.

    Но, пред да избувнете како вулкан, треба да се потсетите дека децата се посклони да ве слушаат и да ги прифаќаат вашите правила за однесување кога им зборувате смирено. Избројте до три, вдишете и издишете длабоко, и без оглед на тоа со каква ситуација се соочувате, пријдете му на вашето дете сталожено и прибрано.

  3. Празни зборови без дела. Да речеме дека вашето дете не сака да стане да пишува домашно затоа што не може да се раздели со компјутерот. Вие, како добар родител започнувате: „Стани да пишуваш домашно... Ќе дојдам ќе го исклучам компјутерот... Стани затоа што нема да го видиш компјутерот цел месец“. Но, и покрај таквите зборови, не се осмелувате да го притиснете копчето за гасење на компјутерот.

    Ова ќе се случи еднаш, двапати, трипати и откако вашето дете ќе сфати дека ако ги игнорира вашите „закани“ и ултиматуми, нема да сноси никакви последици, тоа ќе продолжи да си тера по свое. Ако веќе поставувате правило „Нема компјутер додека не напишеш домашно“, исклучете го компјутерот и докажете му дека вашите зборови не се кажани напразно. Поставувајте правила, но и преземајте мерки кога се прекршуваат.

  4. Поткупување наместо наградување. Секој родител како адут користи „поткупување“ и ако тоа се прави со мерка, не е грешка. Но, доколку се користи секојдневно и за сè што родителот сака да постигне кај детето, тогаш започнува да станува голема грешка во воспитувањето. Подобрата опција е користењето на награди.

    Поточно, многу полошо е да му речете на вашето дете „Ако добиеш петка, ќе те носам на честење“ отколку да го изненадите со честење или подарок откако ќе добие петка. Првото е поткупување, а второто награда.

  5. Користење на воспитна шлаканица. Експертите велат дека повеќето родители немаат ништо против да ја искористат шлаканицата како воспитна мерка. Иако таквиот удар може да има брз ефект затоа што веднаш ќе го сопре лошото однесување, тој може да остави долготрајни последици врз емотивната состојба и однесувањето на детето.

    Како добар родител вие треба да знаете како да го воспитувате и учите своето дете без да користите сила.

  6. Непостојаност. Еден ден го карате вашето дете затоа што употребува „лоши“ зборови, а веќе следниот ден во иста таква ситуација решавате само да се насмевнете затоа што сте во јавност или затоа што имате гости, па не сакате пред нив да правите сцена.

    Еден од најважните предуслови за успешно воспитување е постојаноста. Вашата реакција, како и последиците од лошото однесување, треба да се секогаш исти за вашето дете да ја научи лекцијата. Во спротивно, само ќе го збуните детето.

  7. Презаштитничко однесување. Децата, како и возрасните, учат од своите грешки. Не можете да го заштитите вашето дете од сè, а дури и да успеете, може да направите тоа да стане премногу зависно од вас.

    Учете го што е добро, а што лошо. Сепак, во истото време поттикнувајте го само да истражува и да учи, бидејќи нема цел живот да биде вашето малечко. Децата треба да научат да се вклопат во реалниот свет.

  8. Премногу или премалку пофалби. Нормално е да го фалите вашето дете кога ќе се однесува убаво или кога ќе постигне нешто. Но, претерано честите комплименти можат да имаат негативен ефект. Ако цело време му повторувате „Ти си најубава“, „Ти си толку многу паметен“ и за сè што прави му велите „Браво!“, тоа ќе стане самоуверено, но постои ризик да стане претерано самоуверено и егоцентрично, а дури и да започне да ги потценува другите.

    Од друга страна, ако заборавате да го пофалите за доброто однесување или ако несвесно ги игнорирате неговите постигнувањата, може да го обесхрабрите и да му ја намалите мотивацијата. Во овој случај, најдобро е да ја пронајдете златната средина.

Воспитувањето на децата е како игра шах – потребно е да мислите на добрите страни и ризиците што ги носи секој ваш потег и да мислите неколку потези предвреме за на крајот успешно да ја завршите играта.

Многу е важно да го анализирате однесувањето на вашето дете. Кога тоа не соодветствува со она што сметате дека е правилно, тогаш е време да си го поставите прашањето: „Каде грешам?“.

Грешките при воспитувањето не се знак за лош родител. Вистината е дека нема безгрешни родители. Добрите и грижливи родители се познаваат по тоа што учат од своите грешки.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20945 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.